Според нов извештај на истражувачкиот центар "Pew Research", тинејџерите сè повеќе изразуваат загриженост за влијанието на социјалните мрежи, сметајќи дека тоа е штетно.
Законодавците и регулаторните тела сè поинтензивно ги повикуваат компаниите зад социјалните мрежи да преземат поодговорни чекори за заштита на менталното здравје на нивните најмлади корисници. Воедно, се менува и перцепцијата на младите корисници кон ваквите платформи — сè повеќе тинејџери велат дека социјалните мрежи им одземаат премногу време и дека имаат негативно влијание врз нив.
Истражувањето, кое опфати 1.931 тинејџер и родител во САД, покажува дека ставовите на тинејџерите кон социјалните мрежи се промениле во време кога расте бројот на јавни повици за одговорност на овие платформи за последиците врз младите.
Според извештајот, 48 отсто од тинејџерите денес ги гледаат социјалните мрежи како „главно негативно“ влијание врз другите од нивната возраст — што е значително зголемување во однос на анкетата од 2022 година, кога само една третина го делеле тоа мислење. Истовремено, бројот на тинејџери кои веруваат дека социјалните мрежи се „претежно позитивни“ паднал од 24 отсто во 2022 година на само 11 отсто во најновото истражување.
Интересно е што тинејџерите многу поретко ќе признаат дека социјалните мрежи имаат негативно влијание врз нив лично. Само 14 отсто од испитаниците изјавиле дека мрежите имале лошо влијание врз нив. Во извештајот на "Pew" не се шпекулира за причините за оваа разлика во перцепција, но се истакнува дека во јавноста расте бројот на дискусии за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите — вклучително и минатогодишното предупредување од главниот здравствен службеник на САД.
Извештајот исто така укажува дека тинејџерите стануваат сè посвесни колку време минуваат на социјалните мрежи. Четириесет отсто од нив изјавиле дека „поминуваат премногу време“ на овие платформи, наспроти 27 отсто во 2023 година. Сличен процент од тинејџерите сметаат дека социјалните мрежи негативно влијаат врз нивниот сон (45 отсто) и продуктивност (40 отсто). Вкупно 44 отсто од тинејџерите изјавиле дека го „намалиле“ користењето на смартфони и социјални мрежи.
Иако овој извештај нема да стави крај на дебатата дали социјалните мрежи се повеќе корисни или штетни, очигледно е дека доаѓа до промена во перцепцијата кај младите. Во време кога некои законодавци предлагаат целосна забрана за пристап до социјалните мрежи за најмладите, извештајот на Pew јасно покажува дека не се само возрасните тие што се загрижени.