Компанијата "OpenAI" поднесе контратужба против шефот на Одделот за ефикасност на владата на САД, Илон Маск, обвинувајќи го за вознемирување и барајќи од сојузниот суд да му забрани понатамошни незаконски дејствија против компанијата.
Тужбата е поврзана со судскиот спор за идната структура на "OpenAI", компанијата која ги постави темелите за развој на вештачка интелигенција, пренесува "Reuters". Маск и извршниот директор на "OpenAI", Сем Алтман, ја основаа компанијата во 2015 година, но Маск ја напушти пред таа да стане технолошки лидер.
Подоцна, во 2023 година, Маск ја основа сопствената компанија за вештачка интелигенција — "xAI", и се обиде да го спречи "OpenAI" да премине на профитен модел, што доведе до актуелниот судски спор. За да обезбеди финансирање во вредност од 40 милијарди долари, "OpenAI" мора да го заврши својот премин кон профитна структура до крајот на годинава.
Во тужбата, "OpenAI" тврди дека Маск користел медиумски напади, кампањи на социјалните мрежи, барања за корпоративни документи, како и други правни средства со цел да ѝ наштети на компанијата.
Компанијата бара од судот да го спречи Маск во понатамошни напади и да го обврзе да одговара за предизвиканата штета. Минатата година, Маск поднесе тужба против "OpenAI", обвинувајќи ја дека се откажала од својата првична мисија – развој на вештачка интелигенција во корист на човештвото, а не за профит.
Маск сè уште нема дадено коментар за најновата тужба на "OpenAI". Компанијата и нејзиниот директор Алтман ги негираат сите обвинувања и тврдат дека Маск се обидува да го забави развојот на конкуренцијата. Судскиот процес е клучен за транзицијата на "OpenAI" кон профитен модел, што е од суштинско значење за привлекување капитал и одржување конкурентност на пазарот на вештачка интелигенција, пренесува "Tanjug".