Научниците предупредуваат на загрижувачки тренд: „Бидете внимателни со „Chat GPT“

Точка

16/04/2025

20:52

3.949

Големина на фонт

а а а

„Напредните корисници на „ChatGPT“ или оние кои го користат прекумерно стануваат зависни од четботот“, тврдат научниците врз основа на една неодамнешна студија.

До неодамна ни беше незамисливо да разговараме со компјутер, робот или вештачка интелигенција. Се чувствувавме, благо кажано, глупаво. На пример, купивте биро, нарачката пристигна, но не со сите делови и сакавте да разговарате со службата за корисници во продавницата за мебел.

Наместо да се јавувате како порано и да разговарате со вистински вработен, бевте принудени да го решите проблемот со пратката со четбот. Четбот е интерактивна програма за комуникација која имитира човечки разговор. Поддршка за корисници која треба да ги реши проблемите на клиентите без да вработува и плаќа вработени.


„Chat GPT“ е исто така „chatbot“. Слободно можеме да кажеме дека е најпопуларниот четбот денес.

Тој е напреден јазичен модел развиен од „OpenAI“, дизајниран да комуницира природно, да помага со информации, текстови, совети и многу повеќе.

Но, иако е четбот, се обидува да зборува како личност – јасно, услужливо и со емпатија.

Денес, многумина не можат да го замислат животот без овој нов најдобар пријател. Го прашуваме секакви работи – од тоа како да се поправи косилката за трева до тоа како да се напредува во кариерата. Го молиме дури и да ни решава љубовни проблеми, да ни толкува лекарски извештаи… Го замолуваме да ни пишува официјални писма и да прави најразлични работи. Некои одат дотаму што му посакуваат добро утро на „chat GPT“ со утринското кафе, а добра ноќ пред спиење навечер!

Зависност од ВИ чет-ботови

За кратко време вештачката интелигенција се инфилтрира во секој аспект од животот. Ако не внимаваме како го користиме, ќе почнеме премногу да се потпираме на него, ќе станеме пасивни и ќе престанеме да размислуваме за себе. Но, може да биде и полошо.

Научниците предупредуваат на загрижувачки тренд кој се развил паралелно со зајакнувањето на врската меѓу луѓето и вештачката интелигенција.

Чет-ботови со вештачка интелигенција, особено оние со гласовни способности, стануваат сè повеќе слични на луѓето, а сè повеќе корисници бараат од нив емоционална поддршка и дружење. Расте загриженоста за тоа како „Chat GPT“ влијае на корисникот. Постои легитимна загриженост дека ја зголемува осаменоста и ја нарушува социјализацијата со вистински луѓе.

„Напредните корисници на „ChatGPT“ или оние кои го користат прекумерно стануваат зависни од четботот“, тврдат научниците врз основа на една неодамнешна студија.


Научниците од MIT Media Lab и експертите од „OpenAI“ откриле дека некој може да стане зависен од „ChatGPT“. Врз основа на резултатите од студијата, тие дефинирале „попроблематична употреба на „ChatGPT“ која има елементи на зависност, вклучувајќи преокупација, симптоми на одвикнување, губење на контрола и промени во расположението“.

Oсамените луѓе развиваат најдлабок парасоцијалeн однос со вештачката интелигенција

Тим од MIT и „OpenAI“ анкетирале илјадници корисници на „ChatGPT“ за да дознаат не само што мислат за четботот, туку и да проучат какви видови „афективни знаци“ – аспекти на интеракција што укажуваат на емпатија, наклонетост или поддршка – користеле додека разговарале со него.

Иако огромното мнозинство од анкетираните луѓе не се вклучиле емоционално со „ChatGPT“, оние кои го користеле четботот подолг временски период почнале да го гледаат како пријател.

Учесниците во анкетата кои најдолго разговарале со „ChatGPT“ биле најосамени и под стрес ако имало промени во однесувањето на моделот.

„Луѓето имаат тенденција да станат зависни од чет-ботови со вештачка интелигенција кога им недостига личен живот. Со други зборови, осамените луѓе ја развиваат најдлабоката парасоцијална врска со вештачката интелигенција – и прашањето е каде води тоа. Тоа е страшно, тажно и целосно непредвидливо“, велат авторите на студијата.

Ова ново истражување, исто така, истакнало неочекувани противречности врз основа на тоа како се користел „ChatGPT“.

На пример, субјектите биле поемотивни во текстуалните пораки со „ChatGPT“ отколку во напредната гласовна комуникација. Оваа гласовна комуникација помеѓу човек и вештачка интелигенција имала позитивно влијание врз психата на корисникот, доколку интеракцијата била кратка, се објаснува во резимето на студијата.

Оние кои користеле „ChatGPT“ од лични причини – како што се дискусија за емоции и спомени – биле помалку емоционално зависни од него отколку оние кои го користеле за нелични или професионални причини, како што се барање идеи или совети.


Меѓутоа, она што најмногу ги загрижува научниците е фактот дека долгорочната употреба на вештачката интелигенција ги прави луѓето зависни од неа и ги нарушува социјалните односи.

Без разлика дали користите „ChatGPT“ преку текст или глас, му поставувате лични прашања или само размислувате за работата, колку подолго го користите четботот, толку е поголема веројатноста да станете емоционално зависни од него.

„Луѓето кои се поприврзани во меѓучовечките односи и оние кои гледале на вештачката интелигенција како на пријател кој може да се вклопи во нивниот личен живот, имале поголема веројатност да искусат негативни ефекти од користењето чет-ботови. Долготрајната секојдневна употреба на вештачката интелигенција била поврзана со полоши резултати. Овие корелации, иако не се причински, обезбедуваат важни насоки за идните истражувања за благосостојбата на корисниците на вештачка интелигенција, заклучуваат научниците од студијата заеднички спроведена од „MIT Media Lab Research“ и „Open AI“, пишува „Futurism.com“.