Данскиот тенисер Холгер Руне (12-ти на АТП-листата) се „почестил“ со скапо Порше 911 GT3, а тоа го открил во неодамнешно интервју и додал дека е паркирано во Монте Карло.
Вредноста на споменатото Порше е околу 300.000 евра, а интересно е што Руне го купил автомобилот и покрај тоа што нема возачка дозвола.
„Купив ново Порше. Зелено. Паркирано е некаде долу. Се работи за моделот а 911, брз е“, рекол Руне, а потоа додал дека не знае какво е чувството да се вози.
„Сè уште не го знам тоа бидејќи сè уште немам возачка дозвола. Потребна ми е што е можно поскоро, тоа е мојата цел сега. Ќе се обидам да го забрзам тоа, но знаете … распоредот е исклучително тежок. Играме во Монако, Барселона, Мадрид, а потоа во Рим. Многу сум зафатен“, раскажал Руне.
За жал новиот автомобил не му помогнал да го совлада Португалецот Нуно Борхес, на кого му го предал мечот кога Португалецот водел со 1:0 во сетови и 3:0 во вториот сет.
Потсетуваме, истиот модел неодамна го купил и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, во кој се возел за време на турнирот во Мајами.








