[ФОТО] Откриен гроб на гладијатор стар 2.000 години

Точка

07/04/2025

19:51

2.220

Големина на фонт

а а а

Тим археолози откри гроб на гладијатор во италијанската провинција Кампања, стар околу 2.000 години, што фрла ново светло врз историјата на стариот Рим, пренесуваат денеска светските медиуми.

Гробот на еден од овие борци, кои во стар Рим учествувале во спектакуларни и крвави битки, често до смрт, е пронајден на локалитетот Литернум, населба која го доживеала својот подем од првиот век п.н.е. до третиот век од новата ера.

Иако во Рим имало и жени-гладијатори, овој борец бил маж, а неговата возраст, идентитет и точна причина за смртта допрва треба да се утврдат, пишува "Daily Mail".


Ова најново археолошко откритие отвора нови перспективи за разбирање на римската историја, бидејќи постојат индикации дека гладијаторот можеби бил дел од некој култен обред.

Иако точната поврзаност помеѓу гладијаторите и ритуалите сè уште не е целосно разјаснета, постои верување дека крвта на гладијаторите играла важна улога во разни ритуали, а се сметало и дека може да се користи во лековити цели.


Веста за откритието ја објави Управата за археологија на градот Наполи, која го оцени како драгоцено сведоштво за воините и борците од едно минато време.

Археолошкиот тим, предводен од Симона Формола, открил некропола со 20 до 30 гробови на локалитетот Литернум, од кои две гробници имале посебни обележја.


На една од нив бил поставен мермерен натпис кој укажува дека таму е погребан гладијатор, иако засега не е познато како загинал и дали бил убиен во борба.

Се смета дека во стар Рим имало илјадници гладијатори, а првиот документарно забележан дуел датира уште од 3. век п.н.е.