Наместо да собираат прашина, старите уреди треба да се прераспределат или правилно да се складираат: „На овој начин можете да заштедите вредни ресурси, да избегнете електронски отпад и да ја заштитите животната средина“.
Купивте нов мобилен телефон. Што правите со стариот? Многумина ќе го остават во фиока, надевајќи се дека ќе им притреба подоцна, но тоа не се случува секогаш. Според едно истражување, луѓето во Германија сè уште имаат милиони стари телефони складирани во своите фиоки, иако веќе не ги користат.
Според истражување на дигиталното здружение Битком врз 1.004 лица во Германија, се проценува дека граѓаните сè уште поседуваат 195 милиони стари, неискористени мобилни телефони. Сепак, ова е помалку во однос на пред неполни три години, кога бројката беше 210 милиони.
„Постои огромно богатство на суровини во германските домаќинства“, изјави извршниот директор на Bitkom, Бернхард Роледер, пишува Heise. „Паметните телефони содржат злато, сребро и метали од ретки земји кои можат да се рециклираат.“
Урбаните рудници стануваат се поважни
Наместо да собираат прашина, старите уреди треба да се прераспределат или правилно да се складираат: „На овој начин можете да заштедите вредни ресурси, да избегнете електронски отпад и да ја заштитите животната средина.“
Истражувањето било спроведено меѓу лица постари од 16 години. 89% од нив изјавиле дека поседуваат барем еден неискористен мобилен телефон. Тоа претставува околу 61 милион луѓе. Меѓу нив, 54% чуваат три или повеќе неискористени уреди.
Битком го спроведува ова истражување за стари телефони од 2012 година. Тогаш се проценуваше дека постојат околу 86 милиони неискористени уреди. Во 2014 година, бројката се искачи на 100 милиони, а во 2018 година на 124 милиони. Трендот на раст продолжи: во 2020 година имаше 199 милиони, една година подоцна 206 милиони, а во 2022 година дури 210 милиони. Истражувањето не беше спроведено во 2023 и 2024 година, но сега е повторно реализирано, и за прв пат е забележан пад на 195 милиони.
Битком потсетува дека старите мобилни телефони може да се предадат во локалните центри за собирање отпад, односно во рециклирачките дворови. Исто така, многу трговци и производители ги враќаат старите уреди. Сè повеќе компании се специјализирани за реставрација на стари уреди и нивна понатамошна продажба како реновирана ИТ опрема.
Но, пред да ги предадете на рециклирање или пренамена, податоците од уредот дефинитивно треба да се избришат, препорачува здружението.
На крај, можете да донирате или подарите стари уреди на некого или да ги пренамените за да не седат само во фиока.