Јапонец на скии леташе 291 метар. Дали ваквите должини наскоро ќе станат нормални?

Точка

01/04/2025

18:34

2.555

Големина на фонт

а а а

Словенецот Домен Превц постави светски рекорд во Планица.

Словенечкиот натпреварувач во скокови на скии, Домен Превц, во неделата постави нов светски рекорд на познатата скокалница во Планица. Невидениот досега лет заврши со скок од 254,5 метри, со што беше поставен нов рекорд во должината на скијачките летови.

„Колку далеку ќе се лета во иднина?“, е прашањето што го поставија на "rtvslo.si".

За поставување на нов рекорд се чекаше речиси осум години, откако Австриецот Штефан Крафт во Викерсунд постави тогаш рекорден лет од 253,5 метри. Осум години беа потребни за некој да ја искористи скокалницата за подобрување на рекордот за само еден метар.

Зголемување на скокалниците – дали е тоа иднината?

„Словенечката скијачка федерација одамна ја предложи оваа иницијатива до врвната организација за зголемување на скокалниците. Одговорот беше дека ако сакаме промени, треба да се формира комисија што ќе ги разгледа можностите. Но, ако претседателот одговорен за развојот на скијачките скокалници не е ентузијаст за оваа идеја, тогаш ништо не се поместува. И токму тука лежи проблемот“, изјави Јелко Грос, раководителот на Нордискиот центар во Планица.

Меѓународната скијачка федерација долго одолговлекува, а тоа го искористила позната мултинационална компанија, која на Исланд изградила нова скокалница, каде што во април јапонската скијачка ѕвезда Рјоју Кобајаши извел неверојатен лет од 291 метар, објави "rtvslo.si".

Дали натпреварите наскоро ќе се одржуваат на поголеми леталници?

„Сакаме поголеми скокалници. Замисливме скокалници со должина помеѓу 270 и 280 метри. Тоа е следниот чекор, но ни се потребни скокалници што ќе овозможат безбедно одржување на натпревари. Ова е исклучително важно. Инвестицијата е голема, но најважна е безбедноста на натпреварувачите. Сите скијачи треба да имаат можност за долги летови, а не само еден како на Исланд. Нашата цел е натпревари со најдобрите скијачи“, изјави Сандро Пертиле, директорот на натпреварите за Светскиот куп.

Планица нема проблем со залетувалиштето

Изградба на нова скокалница во Планица не треба да се очекува, а и не постои потреба за тоа, истакнува Грос.

„Нема смисла да се гради нова скокалница. Говориме само за проширување. Инвестицијата за тоа би била околу 3 милиони евра, додека целосно нова изградба би чинела 15 милиони евра, што е неисплатливо.

Ние за ова размислувавме уште пред неколку години, кога го подготвувавме проектот за реновирање на скокалницата. Веќе тогаш знаевме дека залетувалиштето мора да биде поставено така што ќе овозможи продолжување за уште 10 метри. Тоа значи дека немаме никаков проблем со залетувалиштето“, објасни Грос и додаде:

„Кога некој го гледа залетувалиштето од далечина, може да се запраша зошто натпреварувачите скокаат од позиција 10 или 12, кога погоре има уште 40 слободни позиции. Но, зошто воопшто потрошивме толку многу бетон?

Затоа што уште тогаш размислувавме за можноста за идно зголемување“.

„Поради долгите процедури за добивање градежни дозволи, очекуваме дека фазата на проширување би траела најмалку две години“, се заклучува во текстот.