Хулен Лопетеги пред неколку години имаше една кратка епизода во Реал Мадрид, епизода која дојде по неучекуваната драма и разделба со шпанската федерација која реши да го отпушти на само неколку дена пред почетокот на Светското првенство во 2018 година.
Имено Лопетеги требаше да го води националниот тим на мундијалот, ама Реал притискаше да го добие неговиот потпис и откако стана јасно дека стратегот оди на „Сантијаго Бернабеу“, тој беше тргнат од националниот тим кој на тој настан беше воден од Фернандо Јеро.
- Не знаеме што ќе се случеше доколку продолжев со репрезентацијата. Само мислам дека се забавував како дете и дека тоа беа две прекрасни и историски години, но, за жал, оваа одлука на федерацијата не спречи да го оствариме сонот на толку многу Шпанци, вклучително и нас самите.
- Дали се каам што ја прифатив понудата на Реал Мадрид? Кога би требало да се вратам во минатото, би го направил истото затоа што така ми велеше совеста и мислев дека тоа е правилно. Мојата идеја беше да го одработам Светското првенство со репрезентацијата и потоа да го преземам Реал Мадрид. Беше толку едноставно. Зошто федерацијата не го прифати вака? Ова прашање повеќе не е за мене, - изјави Лопетеги за Ел Ларгуеро.
Инаку Лопетеги одработи само 14 мечеви на клупата на Реал по што беше отпушен по тешкиот пораз од Барселона од 5-1.
- Кога клубот ме отпушти заостануваме 7 бода зад Барселона. На крајот таа разлика беше 19, - порача стратегот.