Новата драма на Нетфликс „Adolescence“ ги освои гледачите, додека критичарите ја нарекуваат една од најдобрите во последните неколку децении. Секоја од четирите епизоди на криминалната драма за момче обвинето за убиство на негова соученичка била снимена во Понтефракт, Западен Јоркшир.
Меѓутоа, зад оваа успешна продукција се крие и приказната на семејството кое не можело да наслути дека нивниот дом ќе стане клучна локација за една од највозбудливите серии, велејќи дека се почувствувале како да добиле на лотарија.
Имено куќата која гледачите имале можност да ја видат на екранот им припаѓа на Бетани Флечер и нејзиниот партнер Дилан Нејлор, а нивниот дом од 1960-тите станал местото каде всушност се одвивала серијата. Како што откриле, повикот од продуцентската куќа „Warp Films“ кој им ја донел оваа можност бил почеток на нешто што не можеле ниту да го замислат.
Семејството дознало дека нивната куќа била избрана кога добиле писмо од продукциската куќа „Warp Films“. Иако Бетани на почетокот мислела дека се работи за измама, набрзо сфатиле дека понудата е реална.
„Сепак се јавив на бројот кој беше напишан во писмото и пред да станеме свесни за ситуацијата, еден час подоцна се појавија околу 20 луѓе и го мапираа, фотографираа и ги преместуваа работите наоколу“, рекла Бетани.

Тие им објасниле дека нивниот дом бил избран поради неговата идеална локација, бидејќи куќата е на крајот од улицата, има многу природна светлина и е блиску до продукцискиот парк.
Исто така, во тој период соседите биле збунети мислејќи дека домот им е ограбен, бидејќи не знаеле што се случува. Интересен момент се случил кога Стивен Греам дошол лично да ја види куќата, а Бетани веднаш не го препознала актерот.


Снимањето на серијата траело три месеци, а за тоа време семејството морало да се исели од својот дом. Тие живееле на различни локации, вклучувајќи ја и куќата на родителите на Дилан и сосетката на мајката на Бетани. Во тој период, сè во куќата било преуредено, дури и мебелот, тапетите, кујнскиот прибор и гаражните врати. Единственото оригинално парче што останало била кујнската маса.

Иако изгубиле многу работи од својот дом, семејството задржало неколку реквизити, вклучувајќи го креветот од собата на Џејми, лампите од дневната соба, завесите и цвеќињата.
Откако ја изнајмиле својата куќа од 1960-тите во Јужен Киркби за снимањето на серијата, благодарение на надоместокот што го добиле за снимањето, парот сега планира да ги искористи средствата за да ја купат куќата во која живеат, а којашто сè уште е во сопственост на мајката на Бетани.

Серијата доби големи пофалби од гледачите и критичарите, а моментално е меѓу најгледаните содржини на Нетфликс.