Месец март има некоја чудна особина да нè растажи, направи трагедија од невидени размери и моќ да ни земе таму некаде луѓе за кои сите тагуваме.
Кога помислувам на овој месец, ми доаѓа асоцијација на дете кое немало доволно родителска љубов и грижа, па таа болка ја пренасочува во гнев и кога, нели, „јас страдам, зошто да не ве расплачам и сите вас?“.
Нејсе, на денешен ден, 24 март, минатата пролет, го загубивме Мирко Попов. Човекот за кој не треба многу да се каже, а сите знаеме што значеше за македонската музичка алтернативна сцена. Мирко беше еден од луѓето што учествуваше во воздигнувањето на електронската сцена, диџеј, продуцент, текстописец и постојан поддржувач на независната сцена, особено на млади и алтернативни музички откровенија.
Мирко Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20-иот век.
Мирко Попов беше неодминлив лик во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, постојано снимаше и издаваше музика и неуморно промовираше млади музичари.
Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“.
Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. „Канал 103“ бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната мултимедијална група (ПМГ Колектив) во 1995 од Мирко Попов и Александар Малевски како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои привлечни европски клупски одредишта.
Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесет изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, за во 2003 сето тоа да прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено четири албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.
Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.
Дел е и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе ЕП изданија и албумот “Чил Фолк“.
Има остварено повеќе улогии во театарски претстави, како и на филм. Се јавува и како автор на неколку музички дела за театар и филм. Режира една радио драма. Уредник е на неколку емисии што се емитуваат на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.
Автор е на книгата „20 години те сакам * Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата планета” издадена за Чудна шума на македонски и албански јазик. Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и други. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро, и др.
Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец бил на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, а бил и иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.