По тешкиот период исполнет со неизвесност, страв и борба за закрепнување, пејачот Иван Јованов од „Либеро бенд“ повторно е на сцената – посилен, поискрeн и благодарен за секој нов ден.
Македонскиот музичар неодамна откри дека во февруари годинава имал втора операција на грлото, по претходна интервенција поради бениген тумор, а сега отворено зборува за најтешките моменти низ кои поминал.
Иван призна дека закрепнувањето не било нималку лесно. Иако лекарите успеале да ја зачуваат препознатливата боја на неговиот глас, периодот на рехабилитација барал голема дисциплина и трпение. Пејачот вели дека бил „послушен пациент“, но долгата пауза од настапите му ја одзела кондицијата и енергијата на која бил навикнат.
Сепак, најголемата борба, како што откри во гостувањето во „Бекстејџ“, не завршила со операцијата. Иван искрено признава дека и денес чувствува одредени последици, за кои верува дека делумно се поврзани и со психолошкиот товар што го носел целиот процес.

Во изјава за „Бекстејџ“, Иван вели:
„Ми беше шокантно, да, бидејќи не можев телефонот да го отклучам, до толку немав сила. Имам проблем одвреме-навреме со кочење на одредени делови од телото.
20-тина дена ни збор не кажав, само правев м-м-м. Моментално се соочувам со некои други проблеми, што ми се можеби психички, некои проблеми со нервите...“.
Во најтешките денови, најголема поддршка му била сопругата Ивана, за која Иван вели дека била покрај него во секој момент. Тие заедно ја имаат ќеркичката Ниа, која во март наполни две години и која, како што вели пејачот, му била најголем мотив да остане силен и позитивен.

Денес Иван Јованов повторно настапува и полека се враќа на музичката сцена, но по ова искуство, како што самиот признава, гледа поинаку на животот, здравјето и на времето поминато со најблиските.








