Синот на легендарниот голман ја одби Италија: Помладиот Буфон ја избра земјата на својата мајка

Точка

21/03/2025

11:13

2.872

Големина на фонт

а а а

Џанлуиџи Буфон и Алена Шередова беа во брак од 2011 до 2014 година.

Луис Буфон, 17-годишниот син на легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон, го одби повикот од Италија и одлучи да игра за репрезентацијата на Чешка.

Буфон, кој игра на позицијата крилен напаѓач и моментално е член на Пиза, избра да ја претставува земјата на својата мајка, познатата чешка манекенка Алена Шередова.


„Разговарав со семејството и сите заеднички се согласивме дека играњето за Чешка би било најдобро за мојата кариера. Без разлика што ќе играм за Чешка, а не за Италија, мојот татко беше многу возбуден што за првпат добив повик во репрезентацијата. Во секој случај, и неговиот совет беше да се одлучам за Чешка“, изјави Луис.

Луис е роден во Торино, градот каде што неговиот татко Џанлуиџи, еден од најдобрите голмани на сите времиња, помина голем дел од својата кариера како член на Јувентус. Тој е и еден од најголемите херои на италијанскиот фудбал, откако ја предводеше репрезентацијата до титулата светски шампион во 2006 година.


Џанлуиџи Буфон и Алена Шередова беа во брак од 2011 до 2014 година, но пред тоа беа во долгогодишна врска од која ги добија Луис во 2007 година и Давид две години подоцна.