Алваро Мората промени два клуба во краток временски интервал, па сега е дел од турското фудбалско првенство каде ја брка титулата како член на Галатасарај.
Капитенот на шпанската фудбалска репрезентација искусува еден поинаков предизвик од сите оние кои ги имаше во досегашната кариера, но при враќањето во родната земја на репрезентативни обврски, Мората го именуваше и клубот во кој сака да ја заврши кариерата.
– Ако можам да го вратам времето, не би си заминал од Атлетико. Понекогаш се носат и погрешни одлуки и таа што ја донесов минатото лето е една од нив. Требаше да размислам повеќе, но сега ништо не може да се промени, – вели Мората и додава.
– Мојата иднина? Не знам што има зад аголот, ниту имам точен план за пензионирање. Сепак, постои еден клуб во кој сакам да се пензионирам.
– Многумина ќе се смеат, но би сакал да се пензионирам во Хетафе. Тоа е клуб кој многу ми помогна кога бев млад, Хетафе е клуб кој буди огромна страст кај мене, – открива Мората.