Ериксен потврди дека ќе го напушти Манчестер јунајтед

Макфакс

19/03/2025

10:23

320

Големина на фонт

а а а

Кристијан Ериксен објави дека на крајот од сезоната го напушта Манчестер јунајтед, бидејќи се уште не добил понуда за продолжување на договорот.

Данецот има договор со клубот до 30. јуни оваа година, што значи дека на првиот ден од јули ќе може без обесштетување да замине од „Олд Трафорд“.

„Никој ништо не ми кажа, а кога нема такви информации, претпоставувам дека соработката ќе биде прекината. Сите знаат дека договорот ми истекува, па сметам дека има само еден исход“, изјави Ериксен за „ТВ Спорт“.

За „црвените ѓаволи“ досега одиграл 99 настапи, постигна седум гола и 17 асистенции. За време на неговиот престој во Јунајтед, тој го освои ФА Купот (2024) и Лига Купот (2023)

„Се помирив со фактот дека треба да најдам нов клуб. Слободен сум на пазарот и никогаш претходно не сум го доживеал тоа. Бев слободен по срцевиот удар, но тоа беше малку поинаква ситуација”, изјави Ериксен.

Тој рече дека не планира да се врати во татковината ова лето.

„Се уште се чувствувам како да имам неколку добри години во странство. Што се однесува до фудбалот, мислам дека не сум стигнал до точка кога би сакал да се вратам во Данска и да играм во Супер лигата. Моето семејство не сака да патуваме далеку, па затоа нема да играм во МЛС. Ќе видам што ќе биде најдобро за мене и за моето семејство”, заклучи 33-годишниот играч.

Данскиот фудбалер пред Јунајтед настапуваше за Брентфорд, Интер, Тотенхем и Ајакс.