"Xiaomi SU7 Ultra" стана мета на крадци во Кина, откако возачи почнаа да пријавуваат кражби на значката од хаубата, бидејќи во неа има вградено злато.
На официјалното претставување на најновиот модел на "Xiaomi", извршниот директор Леи Џун откри дека за новите сопственици подготвил нешто специјално – посебна ознака обложена со 24-каратно злато.
Но, откако почнаа да се шират вести за кражби, Џун објави на кинеската социјална мрежа "Weibo" дека кражбата всушност нема никаква смисла.
„Златото на значката е само тенок слој. Ве молам, не се доведувајте во искушение – не вреди да го прекршите законот за оваа количина злато“, порача шефот на "Xiaomi".
Еден кинески автомобилски блогер ја однел значката од својот "SU7" во златара за топење, при што се потврдило дека содржи само 0,3 грама злато, што според тековната цена вреди едвај 30 долари.
Но, тоа не ги спречи крадците! Веќе почнале да се продаваат украдени значки по стотици долари, а на пазарот се појавија и лажни, 3D-принтани верзии, чија цена се движи меѓу 4 и 40 долари.
Да потсетиме – "SU7 Ultra" е најновата спортска електрична лимузина од "Xiaomi", со 1.548 коњски сили, која од 0 до 100 км/ч забрзува за само 1,98 секунди.
Автомобилот беше претставен кон крајот на февруари 2025 година и чини 72.830 долари.
Во Кина, "SU7 Ultra" постигна огромен успех, при што 10.000 примероци беа распродадени за само два часа!
Моментално, времето на испорака е 13-16 недели, а во Европа се очекува да пристигне во наредните неколку години.