"BYD" ѝ фрли ракавица на конкуренцијата: Полнењето на електричните возила ќе трае колку и точењето гориво

Точка

18/03/2025

13:51

1.081

Големина на фонт

а а а

Компанијата не прецизираше временска рамка ниту износот што ќе го вложи во изградбата на вакви станици.

Кинескиот конгломерат "BYD" во понеделникот претстави нова платформа за полнење на електрични возила, за која тврди дека ќе го скрати времето на полнење до нивото на точење гориво. Ова е првпат компанијата да најави изградба на мрежа на полначи низ цела Кина.

Т.н. „супер е-платформа“ ќе овозможи полнење со рекордни 1000 киловати (kW), што значи дека возилата ќе можат да поминат 400 километри по само пет минути полнење, изјави основачот на компанијата, Ванг Чуанфу, на настан што се пренесуваше во живо од седиштето на "BYD" во Шенжен.

Оваа брзина на полнење од 1000 kW е двојно поголема од брзината на „Supercharger“ на "Tesla", кој достигнува до 500 kW.


Клучна технологија за иднината на електричните возила

Технологијата за брзо полнење се смета за клучна во прифаќањето на електричните возила, бидејќи ја намалува загриженоста на возачите за времетраењето на процесот.

„За целосно да ја елиминираме загриженоста на корисниците околу полнењето, се стремиме да го скратиме времето на полнење на електричните возила до нивото на бензинските автомобили“, истакна Ванг.

Тој додаде дека ова е првпат во индустријата да се достигне мегаватна моќност во процесот на полнење.


Прво ќе се користи во два нови "BYD" модели

Новата технологија за брзо полнење првично ќе биде достапна во два нови модели на електрични возила – седанот "Han L" и SUV моделот "Tang L", кои ќе чинат околу 34.000 евра.

"BYD" објави дека ќе изгради 4000 ултрабрзи станици за полнење низ Кина, но не прецизираше кога ќе биде реализиран овој проект, ниту колку средства ќе бидат вложени.

До сега, сопствениците на "BYD" во голема мера зависеа од полначите на други производители или јавните станици за полнење на батериите на своите возила.