Историски успех: НАСА за првпат на Месечината фати важни сигнали

Точка

07/03/2025

15:17

3.270

Големина на фонт

а а а

Користењето на "GNSS" сигналите за навигација може значително да го намали потпирањето на човечки оператори, бидејќи вселенските летала можат самостојно да ги примаат и користат овие сигнали, дури и на оддалеченост од Месечината.

Навигацијата со "GPS" сигнали одамна не е новост. Речиси секој модерен автомобил е опремен со навигациски систем, а истото важи и за паметните телефони. Денес, луѓето најчесто се потпираат на "GPS" и електронски карти за да стигнат од точка А до точка Б.

Но, како се снаоѓате кога сте на Месечината? Иако ќе треба уште малку да почекаме додека луѓето повторно зачекорат по површината на Земјиниот природен сателит, "GPS" навигацијата е клучна и за управување со летала и возила на други планети.

Првото фаќање на навигациски сигнал од Месечината

Токму тоа успеа да го направи НАСА, во соработка со Италијанската вселенска агенција, кога за првпат беше забележан навигациски сигнал од Лунарниот "GNSS" (Глобален навигациски сателитски систем). Станува збор за систем што ги прима и следи навигациските сигнали од површината на Месечината и ги испраќа до Земјата.

Ова значи дека мисиите на НАСА, "Artemis" и другите истражувачки мисии би можеле прецизно и автономно да ја одредуваат својата локација, брзина и време. Ова е огромен чекор кон напредни навигациски системи за Месечината и Марс, потенцираат од НАСА.

Клучен момент во историјата на лунарната навигација

„На Земјата можеме да ги користиме "GNSS" сигналите за навигација на сè – од паметни телефони до авиони“, изјави Кевин Когинс, заменик-администратор на програмата "SCaN" (Вселенска комуникација и навигација) на НАСА.

„Сега ни е јасно дека можеме успешно да ги примаме и следиме "GNSS" сигналите дури и на Месечината. Ова е возбудливо откритие за идната лунарна навигација, и се надеваме дека ќе ја искористиме оваа можност за идните мисии“, додаде тој.

Клучниот момент се случил на 3 март, кога "LuGRE" (Лунарен "GNSS" приемен експеримент) за првпат во историјата успеа да фати и следи сигнали од површината на Месечината, овозможувајќи корекција на навигацијата за лунарниот лендер "Blue Ghost".

Дополнително, "LuGRE" постави рекорди во "GNSS" приемот, бидејќи фати сигнал на околу 340.000 километри оддалеченост од Земјата, а уште повеќе ја надмина оваа граница кога пристигна во орбитата на Месечината, достигнувајќи повеќе од 390.000 километри од Земјата.

Ова покажува дека мисиите во цислунарниот простор – подрачјето меѓу Земјата и Месечината – исто така би можеле да се потпрат на "GNSS" сигналите за навигациски корекции.

Ново поглавје во вселенската навигација

Користењето "GNSS" сигналите за навигација може да доведе до намалување на потребата од човечка интервенција, бидејќи вселенските летала можат автономно да ги примаат и користат сигналите, дури и на огромни оддалечености.

Ова не е само важен чекор за истражувањето на Месечината, туку и навестување на идните мисии кон Марс и подлабоката вселена.