Како да препознаете интернет измама?

Точка

11/03/2025

18:39

714

Големина на фонт

а а а

Секојдневно сме сведоци на бројни интернет измами – од лажно известување дека имаме пратка што можеме да ја следиме со кликнување на линк, известување дека не сме платиле сметка за омилениот стриминг сервис, итно одговарање на „неверојатна“ понуда за работа, можност за заработка со инвестирање во акции на големи компании кои ни ги „нудат“ познати личности од светот на спортот или уметноста, па сè до тоа дека бизнис-клиент кој ни испраќа „неверојатна“ деловна понуда.

Со развојот на вештачката интелигенција, интернет измамите стануваат сè попрефинети, потешко се препознаваат и изгледаат како веродостоен „мамец“ што може да натера голем број луѓе да кликнат. Злоупотребата на информатичката технологија има сериозни последици, па затоа внимателноста и дигиталната писменост се клучни во спречувањето на ширењето на сомнителна и злонамерна содржина.


Што е „фишинг“ (phishing) или „мамење“?

Сајбер-криминалците користат различни методи, алатки и канали за да прибават пари на незаконит начин, да украдат нечиј идентитет или да добијат друга лична или финансиска корист.

Фишингот е еден од најголемите безбедносни ризици во областа на информатичката безбедност. Најчесто се изведува преку е-пошта како механизам за кражба на податоци, лозинки и финансиски информации, компромитирање на кориснички сметки и измамнички трансакции.

Целта на фишингот е:

• Кражба на пари од банкарски сметки

• Наведување жртвите да купат непостоечки производи/услуги

• Злоупотреба на лични документи и податоци од платежни картички

Каде можеме да наидеме на интернет измама или фишинг?

- На телефон или компјутер, најчесто преку СМС пораки, е-пошта, онлајн огласи, видеоигри или разговори на социјалните мрежи.


Како да препознаете интернет измама?

Прво правило: Не кликнувајте на сомнителни линкови и не внесувајте лични податоци!

Најчести знаци на интернет измама:

- Наслови како „ИТНО“, „ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ“, „ПОСЛЕДНА ШАНСА“, „ГОЛЕМА АКЦИЈА“

- Следете го испраќачот – проверете ја е-поштата или телефонскиот број

- Проверете ја информацијата – посетете го официјалниот сајт на компанијата или контактирајте ја преку официјални канали

- Граматички и правописни грешки – многу фишинг-пораки содржат несмасно напишан текст

- Чудни линкови и додатоци – не отворајте сомнителни прилози и веб-страници


Како да реагирате ако станете жртва на интернет измама?

Ако се сомневате дека вашите податоци се злоупотребени:

• Веднаш контактирајте ја вашата банка и следете ги нивните инструкции

• Променете ги лозинките на вашите профили

• Пријавете го случајот во полиција, во одделот за Сајбер-криминал

• Бидете внимателни. Тоа е најдобра заштита