Експертите предупредуваат дека одредени намирници можат да го зголемат ризикот од проблеми со видот, вклучително и сенилна макуларна дегенерација (AMD), водечка причина за губење на видот во Велика Британија. Лекарот Крис Стил истакнал дека оваа болест, која го зафаќа централниот вид, често е непозната за пошироката јавност и покрај тоа што погодува повеќе од 600.000 луѓе.
Неодамнешната анализа на компанијата „Overnight Glasses“ покажала дека исхраната богата со одредени намирници, од кои некои ги консумираме речиси секојдневно, може да го зголеми ризикот од AMD и други проблеми со мрежницата.
Белиот леб има висок гликемиски индекс (GI 70) и висока содржина на натриум (490 милиграми на 100 грама), што може да го зголеми ризикот од AMD. Слично на тоа, пржените компири (GI 75), кои се богати со масти и сол, поврзани се со зголемена инциденца на тежок облик на AMD.
„Честото консумирање на оваа храна може да придонесе за проблеми со видот“
Покрај белиот леб и пржените компири, процесираните парчиња кашкавал содржат големи количини натриум (околу 1.265 милиграми на 100 грама), што може да придонесе за висок крвен притисок и хипертензивна ретинопатија, состојба која ги оштетува крвните садови на мрежницата, пренесе Дејли Експрес.
Слично на тоа, сланината, која спаѓа меѓу најсолените преработени меса, може да ги ослаби артериите на мрежницата и да доведе до заматен или оштетен вид на долг рок.
Исто така, иако често се сметаат за здрава опција, оризовите галети имаат исклучително висок гликемиски индекс, дури и повисок од белиот шеќер. Ненадејните скокови на шеќерот во крвта можат да ги оштетат крвните садови на мрежницата на долг рок, зголемувајќи го ризикот од дијабетична ретинопатија и AMD, особено кај лицата со дијабетес.
Гидон Садовски, основач на „Overnight Glasses“, советува умереност и додаде: „Повременото консумирање на овие намирници веројатно нема да предизвика непосредна штета, но долгорочното, честото консумирање може да придонесе за проблеми со видот. Урамнотежената исхрана богата со овошје, зеленчук и целовити зрна е од суштинско значење за здравјето на очите“.