На најголемиот германски остров Риген во Балтичкото Море, популарно и многу посетено одморалиште, луксузните апартмани со стаклени балкони со поглед кон морето буквално ги делат ѕидовите со остатоците од некогашното нацистичко летувалиште.
Огромниот, гигантски комплекс наречен Прора кој се состои од низа шесткатни згради само 150 метри оддалечен од морето, го следи брегот во должина од 4,7 километри. Нацистичката визија за одморалиште со десет илјади двокреветни соби била изградена помеѓу 1936 и 1939 година.
Сега контроверзниот, но типичен пример на архитектурата на Третиот Рајх, бил дизајниран од Клеменс Клоц, а изградбата ја надгледувал „хитлеровиот архитект“ Алберт Шпер. Концептот го осмислил Роберт Леи во раните 1930-ти, кој бил раководител на нацистичката идеолошка програма „Kraft durch Freude“ („Сила низ радост“), поттикнат од идејата дека секој работник заслужува одмор на плажа.
Така, секоја соба имала поглед кон море, два кревети, гардеробер и мијалник. Ништо повеќе не можело да се вклопи во скромниот план од 2,5х5 метри, така што на секој кат имало заеднички бањи – без поглед кон море. Одморалиштето имало, или требало да има, заеднички трпезарии и бројни простории за културни настани, забава и спорт.
Одморалиште кое првично не било тоа
Во изградбата учествувале сите поголеми градежни компании од Третиот рајх и речиси девет илјади се разбира принудни работници. Со избувнувањето на војната во 1939 година, тие биле префрлени во фабрики за оружје, а првото од петте планирани одморалишта на Хитлер, останало празно. Изградени биле осум станбени блокови, кино и театар, но базените и фестивалската сала не биле завршени.
За време на Втората светска војна, во Прора биле сместени бегалците од Хамбург, а на крајот на војната, оние од Источна Германија, а кога советската армија го окупирала островот – и нивните артилериски бригади. Во средината на 1950-тите, по создавањето на Националната народна армија на ГДР, одморалиштето станало воена база.
Исто така и бегалците од Хрватска и Босна и Херцеговина биле сместени во Прора, а потоа дел од комплексот бил претворен во хотел за млади. Прора беше прогласена за монументално наследство во 1994 година, а за да биде обновена, блок по блок била продавана на разни приватни инвеститори.
Денес, поголемиот дел од комплексот навистина е претворен во луксузно одморалиште со хотели и апартмани (собите се поврзани и бањите повеќе не се заеднички) наречено Нова Прора.
Центарот за документација Прора, кој се преселил во еден од блоковите во 2000 година, предупредил дека со уредувањето и обновувањето на одморалиштето се реализира оригиналната идеја на Хитлер.
Други тврдат дека работата не е толку сериозна бидејќи целта на Прора отсекогаш била исклучиво туристичка, па без разлика што идејата била на Хитлер, тие не гледаат никакви негативни конотации поврзани со реставрацијата на нацистичкото одморалиште, а најчесто тоа се оние кои продаваат апартмани по цена од речиси милион и пол евра.