Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), денес, до Владата, до Собранието и до работодавците достави предлог во кој бара дополнително зголемување на платите на работниците за 6.000 денари покрај редовното законско зголемување на минималната плата, кое треба да се случи месецов, а ќе влијае на зголемување на сите други плати.
За да може работодавците во приватниот сектор да ги зголемат платите на работниците, ССМ бара државата да се откаже или да ги субвенционира придонесите за задолжително социјално осигурување, кои треба да се плаќаат на дополнителните 6.000 денари во период до 12 месеци. Доколку Владата не го прифати овој предлог, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, ги повика пратениците да го изгласаат оти е доставен и до нив.
„Она што го предлагаме денеска е пратениците, онака сложно како што беа сложни да ги зачуваат трошоците за превоз, да гласаат и за предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, што ќе значи и дополнително зголемување на сите други плати на работниците во Македонија“, рече Трендафилов.
Тоа што државата би се откажала од придонесите за задолжително социјално осигурување за дополнителните 6.000 денари, Трендафилов вели дека нема да го осиромаши буџетот оти е веќе предвидено законското покачување на минималната плата.
„Државата има планирано придонеси на нивно на системското покачување, она што бараме е Владата на непредвидените приходи од задолжителното социјално осигурување да се откаже во период од 12 месеци или да ги субвенционира за работодавците во приватниот сектор да може да ги зголемат платите на сите работници за најмалку стотина евра“, рече претседателот Трендафилов и нагласи дека парите од покачувањето што би го добиле работниците нема да завршат во банка, туку за основни прехранбени производи за кои данокот е од 5 до 18 проценти, пари што повторно ќе завршат во буџетот.
Со договорите за вработување или анексите за покачување на личниот доход од 6.000 денари во приватниот сектор платите ќе останат на истото ниво и по истекот на тие 12 месеци во кои се бара субвенција од државата или откажување од државата за задолжителните придонеси. Трендафилов вели дека значи речиси 40 отсто повторно ќе одат назад во буџетот како придонеси од задолжителното социјално осигурување, што ќе помогне работниците да затворат мал дел од дупката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за редовното финансирање на исплатата на пензиите.
Трендафилов очекува до 15 март да бидат повикани на разговори за дополнителното покачување од 6.000 денари. Доколку тоа не се случи, не е исклучена можноста за штрајк.
„Упатувам порака до Владата и до работодавците еднострано да не одлучуваат за ваквиот предлог, особено поради фактот што и ние како претставници на работниците исто така еднострано можеме да одлучиме да го искористиме правото на штрајк“, вели Трендафилов.
ССМ потсети дека итно мора да се формира и комисија за утврдување репрезентативност, без која не може да се објави износот на минималната плата, која законски е предвидено да се покачи овој месец. Комисијата за репрезентативност е нефункционална оти се повлечени тројцата претставниц од Владата. Без нив комисијата не може да утврди репрезентативен претставник на работниците за преговори во Економско-социјалниот совет, каде што се преговара за зголемување на минималната плата, која значи зголемување и на сите други плати.