Макрон: Ако САД се откажат од Украина, на светот му се заканува катастрофа

Нетпрес

02/03/2025

15:55

4.463

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека повлекувањето на САД од поддршката на Украина ќе има катастрофални последици, не само за Киев, туку и за глобалната безбедност. Во интервју за францускиот весник „Ла Трибјун“, тој рече дека ако рускиот лидер Владимир Путин не престане сега, војната може да се прошири и во другите европски земји.

Макрон истакна дека САД не можат да ја напуштат Украина бидејќи нејзината стратешка улога е клучна за светската безбедност. Тој предупреди дека прифаќањето на прекин на огнот без безбедносни гаранции за Украина ќе го ослаби американското влијание во конфронтација со Русија, Кина и другите глобални сили.

„Не се сомневам дека судбината на Американците е да бидат на страната на Украинците. Оддалечувањето од Украина не е во интерес на САД. Она што го направија САД во изминатите три години е целосно во согласност со нивната дипломатска и воена традиција. Сакам Американците да разберат дека откажувањето од Украина не е во нивен интерес“, рече Макрон.

Додека Трамп се повеќе се приклонува кон преговори со Путин и прекин на огнот, Макрон верува дека тоа би било сериозна грешка. „Секако дека сите сакаме мир. Но, не може да има праведен и траен мир ако Украина биде напуштена“, предупреди тој.

Макрон оцени дека Русија денес претставува егзистенцијална закана за Европа поголема од кога било досега. „Силно вооружена и агресивна Русија стои на нашите граници. Таа веќе спроведува терористички напади и големи кампањи за дезинформација во Европа“, рече францускиот претседател.

Макрон смета дека Путин не планира да застане тука. Тој е убеден дека ако не биде запрен во Украина, ќе продолжи кон Молдавија, а можеби и понатаму кон Романија.

Според „Вашингтон пост“, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста да ја прекине сета воена помош за Украина. „Њујорк тајмс“ пишува дека администрацијата на Трамп би можела да ги прекине и другите форми на поддршка, како што се воено финансирање, размена на разузнавачки информации и обука на украинските сили.

Американскиот Стејт департмент веќе го стопираше проектот на американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) чија цел беше обнова на енергетската инфраструктура на Украина по руските напади. Аналитичарите од американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната (ISW) предупредија дека Русија продолжува да ги продлабочува односите со противниците на Соединетите држави.