За Северна Македонија и Турција клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави. Ова го истакна турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган за време на заедничката прес-конфренеција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Турција.
Ердоган потсети и дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Македонија, и ја потенцира важноста на турската заедница во нашата држава за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
„Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, истакна Ердоган.
Претседателот заклучи и дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој.
И Мицкоски ги потврди добрите односи меѓу двата народа, а за Ердоган рече дека во него гледа голем поддржувач и пријател.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.