„Го сакам Синер, но тоа не значи дека е невин“ – Поранешна тенисерка загрижена за иднината на „белиот спорт“

Точка

26/02/2025

20:35

849

Големина на фонт

а а а

Случајот со италијанскиот тенисер целосно ги разниша односите во овој спорт.

Не поминува ден без некој од поранешните тенисери да проговори за допинг-скандалот со Јаник Синер и за контроверзната одлука што ја постигна неговиот правен тим со антидопинг агенцијата ВАДА.


Тримесечната суспензија на Јаник Синер е во фокусот на сите дискусии меѓу љубителите на тенисот. Поранешната седма светска тенисерка, Барбара Шет, не сака да го обвини Италијанецот за допинг, но не ја разбира одлуката на надлежните органи во врска со оваа афера.


– Веста ме изненади затоа што првично се најавуваше дека одлуката ќе биде донесена во април. Ми се чини интересна формулацијата дека било постигнато „заедничко решение“. Тоа звучи некако чудно. Дали е тој виновен или не? ВАДА рече дека не допингувал намерно, а сепак доби забрана... Малку е збунувачки, но за него три месеци се одлична казна. Особено затоа што тајмингот е идеален – ќе може повторно да настапи во Рим. Ова предизвика бура реакции, особено на социјалните мрежи, каде секој има свое мислење – изјави Барбара Шет за германскиот „Кикер“ и го сподели својот став за целиот случај:


– Лично, му верувам на Синер. Но, сакам да нагласам дека само затоа што познаваш и сакаш некого, не значи дека е невин. Сепак, навистина мислам дека ова е вина на неговиот физиотерапевт. Јаник сега мора да се соочи со последиците. Според мене, проблемот е во нетранспарентноста на процесот и постапките на ВАДА и на CAS (Спортскиот арбитражен суд). Многу играчи сега имаат впечаток дека можат да преговараат со ВАДА за должината на својата суспензија. Никој веќе не знае што точно се случува. ВАДА треба да воведе попрецизни и построги правила за да биде сè појасно во идни случаи.


Барбара Шет се осврна и на допинг-аферата со најдобрата светска тенисерка, Полјачката Ига Швјонтек. Според неа, негативно се одразува врз имиџот на тенисот тоа што двајцата најдобри играчи во машка и женска конкуренција биле позитивни на недозволени супстанци.


– Секако, не е добро што светскиот рекет број еден е двапати суспендиран. Ова дефинитивно остава негативен впечаток кога станува збор за тенисот. Чудно беше тоа што казната на Ига беше поделена. Целиот систем треба да се ревидира. Новинарите, љубителите на тенисот и сите што го следат спортот мора полесно да ги разберат овие процеси. Ако некој добие позитивен резултат, јавноста треба веднаш да биде информирана. Тоа не беше случај ниту со Синер, ниту со Швјонтек. Сметам дека тенисерите треба да се тестираат почесто од кој било друг спортист.


Шет откри и еден интересен детаљ од разговор со Доминик Тим:

– Играчите се под толку голем притисок што некои стануваат параноични. На пример, ако јадете месо во Аргентина, постои можност да добиете позитивен тест, бидејќи содржи премногу антибиотици – заклучи Барбара Шет.


Австријката Барбара Шет (48) во својата кариера нема освоено Грен слем, туку само три ВТА-турнири. Нејзиниот најдобар пласман беше седмото место на ВТА-листата. Се повлече од тенисот во 2005 година, по 13-годишна кариера. По завршувањето на играчката кариера, остана во светот на тенисот како коментатор на „Еуроспорт“, заедно со Матс Виландер.