Покрај предлогот за кривична одговорност за судиите, на вчерашната собраниска седница се најде и уште еден предлог на Левица – за укинување на двојазичните декларации на производите.
И овој предлог-закон помина без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ, ЗНАМ, ДУИ, СДСМ, односно, за него гласаа само предлагачите – пратениците од Левица.
Сашко Јанчев од Левица истакна дека двојазичните декларации се спротивни на Уставот, Законот за двојазичност и нелогични:
„И што е проблемот со овие членови од правен аспект? Ќе почнам од Уставот и Амандман 5, кој ја одредува употребата на службените јазици во Македонија. Амандман 5, за разлика од Законот за двојазичност на декларациите, не предвидува обврска за двојазичност за приватните лица или, во овој случај, за трговците. Амандманот 5 предвидува обврска само за државните органи и предвидува „употреба на друг службен јазик“, а не само на албанскиот. Исто така, и Законот за двојазичност, кој противуставно го прави албанскиот втор службен јазик на сметка на останатите службени јазици, не предвидува обврска за употреба на албански јазик за приватни лица, односно за граѓани и трговци“, кажа пратеникот Јанчев при образложување на потребата од носење на измените на Законот за заштита на потрошувачите.
„На терен, на пример во Гевгелија, има производи кои имаат етикети, амбалажи, декларации, налепници, упатства, сертификати итн. на македонски јазик и албански. А, тие производи ги купуваат Македонци, Грци, Срби, Бошњаци, Унгарци, Албанци не, бидејќи Албанци нема. И со која цел на сопствениците на маркети, разни типови на продавници и трговци, им се наметнува обврска да прават декларации и на албански?!“ – истакна тој.
„Двојазичноста на сите овие етикети е спротивно на Уставот, спротивно на Законот за двојазичност, надвор од здрава економска логика. Од оваа обврска нема никаква корист, напротив, има штета – трговците непотребно ги чини и пари и време и ги става во неповолна положба на пазарот.
Оваа обврска за двојазичност е последица на уценетоста на претходната влада, а сегашната власт, пред избори бараше 61 пратеник за да не биде уценувана. Еве, сега, со нивниот коалиционен партнер ЗНАМ, имаат 64 пратеници, па редно е да гласате да се тргне двојазичноста од производите и да ги оправдате оние 500.000 гласа коишто ги добивте за да не бидете уценувани“, заклучи Јанчев од Левица.