Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека смета оти Србија направила грешка со гласањето за европската резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, но дека требало да биде воздржана.
„Мислам дека Србија денеска згреши, за тоа им се извинувам на граѓаните и сам ја сносам вината за тоа, затоа што претпоставувам дека сум уморен и оптоварен и не можам се да завршам“, изјави Вучиќ за тамошните медиуми.
Тој додаде дека Србија била воздржана за американскиот предлог за резолуција и дека „гласала токму онака како што треба“, наведувајќи дека според него требало да се воздржи и за прашањето за европската резолуција.
„И како што можете да видите, ова го кажувам во овој момент кога е сосема јасно дека поради ова ќе изгубам наклонетост или политички поени во ЕУ. Верувам дека Србија мораше да биде воздржана. Немам никој друг да обвинувам освен себе, не успеав доволно да се справам со тоа“, рекол Вучиќ, пренесува Бета.
Тој оцени дека Србија три години „трпела во најтешката можна ситуација“ во однос на невоведувањето санкции против Русија, додавајќи дека ставот на Србија „нема да биде урнат со една, две или три резолуции“.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која ја потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на таа земја.
САД не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја усвои нивната резолуција со која се бара прекин на војната во Украина, без да се спомене руската агресија и територијалниот интегритет на нападнатата држава.
Текстот на резолуцијата подготвена од Украина и нејзините европски сојузници беше усвоен со 93 гласа „за“, 18 „против“, вклучително и САД и Русија и 65 воздржани. Србија гласаше за оваа резолуција.