Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е во „сериозни разговори“ со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп изјави дека разговараат и за „голем напредок во економскиот развој“ меѓу Соединетите Американски Држави и Русија и додаде дека разговорите „одат многу добро“.
Трамп го коментираше и неодамнешниот повик меѓу лидерите на Г7, по повод одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина. Тој го повтори своето тврдење „војната никогаш немаше да започне ако бев претседател“, нагласувајќи ја важноста од постигнување договор што би можел да стави крај на конфликтот.
Зборувајќи за разговорите, Трамп рече дека лидерите на Г7 изразиле заедничка цел за ставање крај на војната и тој лично ја истакна важноста на договорот за „виталните критични минерали и ретките земји“ меѓу САД и Украина. Овој договор, според Трамп, треба да биде потпишан многу брзо и да му овозможи на „американскиот народ да ги надомести десетиците милијарди долари“ потрошени за воена помош за Украина, со истовремено поттикнување на украинската економија.