"Instagram" тестира "AI" во пораките – што сè може да види и (зло)употреби?

Точка

24/02/2025

14:09

622

Големина на фонт

а а а

"Instagram" започна со тестирање на нова функција која би можела значително да го промени начинот на кој ги користиме директните пораки на оваа социјална мрежа. Според најновите информации, компанијата "Meta" тестира опција која ќе ѝ овозможи на вештачката интелигенција да ги анализира и управува вашите приватни пораки на "Instagram".

Познатиот истражувач на апликации, Алесандро Палучи, прв ја откри оваа нова функционалност која се наоѓа во тест-фаза. Новата опција „Create Task“ ќе се појави директно во вашите приватни пораки и ќе ѝ овозможи на вештачката интелигенција да креира задачи врз основа на содржината на вашите разговори.

Иако ова може да звучи практично, отвора сериозни прашања околу тоа колку е безбедно да им се дозволи на "AI" системите пристап до нашите приватни конверзации.


Дали "AI" навистина ја почитува приватноста?

Оваа функција е дел од пошироката стратегија на "Meta" да интегрира вештачка интелигенција во сите аспекти на своите платформи. Сепак, за разлика од вообичаените чет-ботови кои само одговараат на прашања, оваа "AI" ќе може да презема конкретни активности врз основа на вашите пораки.

Најголемата загриженост на корисниците ширум светот е фактот што вештачката интелигенција ќе има директен пристап до приватните разговори. Иако "Meta" тврди дека системот ќе биде безбеден и ќе ја почитува приватноста, експертите за сајбер-безбедност предупредуваат на потенцијални ризици.

Клучното прашање е како ќе се користат податоците од приватните разговори и дали навистина ќе бидат целосно заштитени од злоупотреба.


"AI" која работи наместо вас

Според првите информации, системот ќе може да креира потсетници за важни настани, да закажува состаноци, па дури и да купува производи кои се спомнуваат во разговорите.

Сепак, искуствата со слични "AI" системи покажуваат дека вештачката интелигенција не секогаш функционира беспрекорно. Во одредени случаи, "AI" порачувала несакани производи или ги избирал најскапите опции, наместо најповолните.

Со оваа нова функционалност, "Instagram" прави голем чекор кон автоматизација, но во исто време отвора бројни прашања околу безбедноста и приватноста на корисниците.