Ново истражување: Научниците пронајдоа начин да предвидат кои тумори ќе станат агресивни

Точка

18/02/2025

21:38

1.403

Големина на фонт

а а а

Научниците открија нов начин да предвидат кои видови на рак ќе станат агресивни пред да се шират – отворајќи го патот за третмани кои ќе го спречат развојот на болеста, пренесувaт странските медиуми.

Една нова студија, објавена во списанието „Нејчр комjуникејшнс“ (Nature Communications) дискутира за тоа како непосредната околина им помага на клетките на ракот да излезат од туморите и да го започнат својот смртоносен марш низ телото.

Структурата наречена екстрацелуларна матрица (ECM) го држи туморот „заедно“, делувајќи како скеле околу зграда во изградба.

Сега научниците од „Институтот за истражување на ракот“ во Лондон и Институтот за рак „Бартс“ на „Универзитетот Квин Мери“ во Лондон открија како клетките на ракот го користат распоредот на ова скеле како „патоказ“ за да го напуштат туморот и да почнат да се шират.


Тие открија дека ECM предизвикува промени во самите клетки на ракот – менувајќи ја нивната форма и ја подобрува нивната способност да патуваат до различни делови од телото.

Ова откритие, кое е кулминација на речиси една деценија истражување започнато на Кралскиот колеџ во Лондон, значи дека поагресивните тумори, кои најверојатно ќе се шират, сега можат полесно да се идентификуваат во порана фаза.

Во моментов се развиваат лекови кои ја таргетираат структурата на ECM, како и гените кои предизвикуваат промени во обликот на клетките.

„Нашето истражување го откри патоказот што го следат клетките на ракот за да излезат од туморот, дозволувајќи им да доведат до секундарен тумор на друго место во телото“, зборувала Викторија Санз Морено, професорка по биологија на клетките на ракот и метастази на МЦР.

„Сега кога го разбираме овој патоказ, можеме да ги насочиме неговите различни аспекти за да го запреме ширењето на агресивните видови на рак. Влакната во структурата што го опкружува туморот се погусти и распоредени како патека што ја следат клетките. Идните истражувања треба да истражат начини како да се таргетира оваа структура, да се спречат клетките на ракот да избегаат и да го следат овој пат. Може да откриеме и дека таргетирањето на оваа густа структура на влакна значи дека другите лекови можат полесно да стигнат до клетките на ракот, што би можело да ја подобри ефикасноста на третманот“, додала таа.


„Оваа студија е кулминација на речиси една деценија истражување за да се разбере како клетките на ракот комуницираат со нивната околина, позната како екстрацелуларна матрица. Важно е да се види дека различните региони на туморот содржат различни информации за идното однесување на тој рак. Кога лекарите вршат биопсија на тумори, нашето истражување покажува дека она што е надвор од туморот е исто толку важно како и она што е внатре – бидејќи содржи клучни информации за тоа дали ракот најверојатно ќе се шири“, објаснил д-р Оскар Мејкес од Институтот за рак „Бартс“.

За потребите на студијата научниците разгледале туморско ткиво од 99 пациенти со меланом, рак на кожа и рак на дојка. Тие виделе дека ECM е „поставен“ поинаку во три различни области на туморот.

На екстремната надворешна граница на туморот, ECM влакната биле наредени во насока подалеку од туморот, обезбедувајќи „патеки“ што клетките на ракот можат да ги следат додека бегаат. Научниците забележале и разлики во типот на гените во клетките во зависност од тоа каде се наоѓаат во туморот.


Научниците открија дека поголемото присуство на гени за ензими кои влијаат на ECM, со зголемена експресија, е поврзано со пократко време на преживување кај туморите што се проучуваат.

Тие рекоа дека ова отвора нови патишта за лекување на ракот пред тој да се прошири, како што се лековите што ја таргетираат лизил оксидазата, кои веќе се во клинички испитувања.