Ресторанот „Street Burger“ во срцето на Лондон, кој е дел од синџирот во сопственост на познатиот готвач Гордон Ремзи, неодамна беше затворен. Според странските медиуми, ресторанот добил бројни негативни критики од гостите, но не се знае дали тоа била вистинската причина за затворањето.
Луѓето со месеци се жалеа на лошата храна и услуга како и високите цени, а ресторанот имаше оценка 3,5 на „TripAdvisor“ во моментот на затворањето. Од вкупно 226 рецензии кои тогаш ги имал ресторанот на познатиот британски готвач, 76 го оцениле како „лош“ или „ужасен“.
„Лош вкус, лоша услуга, сè е лошо“
„Ова е дефинитивно најлошото место кое некогаш го посетив. Никогаш не сум се чувствувал толку непријатно во ресторан. Од моментот кога пристигнавме, персоналот беше рамнодушен, па дури и лут што воопшто мораа да нè послужат.Беа бавни, незаинтересирани и непристојни кога баравме нешто едноставно како чаша вода. Храната беше прескапа. Избегнувајте го ова место ако сакате убав помин“ напишал еден посетител, додека друг додал дека тој и неговото семејство ја чекале храната повеќе од еден час, а келнерот не им го донел ниту пијалакот кој го нарачале.
„Лош вкус, лоша услуга, лоша големина на порција, лоша цена, лошо сè“, напиша некој, повикувајќи го Ремзи „да се вразуми и да го поправи ресторанот бидејќи најчесто бил празен“. „Отидов на бургер со внука ми. Имавме два обични хамбургери со помфрит, а плативме по 18 фунти (околу 22 евра). Тоа е премногу“, напишала една незадоволна гостинка.
Ремзи не се огласи
Ниту познатиот готвач ниту неговиот менаџмент сè уште не ги коментирале наводите за затворање или причините зошто тоа се случило. Ова не е првиот ресторан кој британскиот готвач бил принуден да го затвори во текот на неговата долгогодишна кариера.
Покрај „Maze“ во лондонскиот Мејфер 2018, кој наводно бил затворен поради загуби од над три милиони евра, една година претходно, негативните рецензии му пресудија и на неговиот „haute cuisine“ ресторан, сместен во легендарниот лондонски хотел „Клариџ“. Инаку познатиот готвач често добива критики поради високите цени на храната што ја нуди во своите ресторани.
Минатата година тој ги налути потенцијалните гости со бургер кој чинеше 22 евра, но тоа не го спречи да продолжи да работи на проширување на својата кулинарска империја. Во јануари беше најавено дека наскоро ќе отвори четири нови ресторани во Лондон, вклучувајќи го и луксузниот „Lucky Cat“, кој нуди традиционални јапонски специјалитети.