Лавров: Ја обновуваме соработката со САД, приемот на Украина во НАТО е закана - Зеленски: „Искрено, не ми е ни гајле“

Макфакс

18/02/2025

18:24

4.052

Големина на фонт

а а а

Сергеј Лавров, министерoт за надворешни работи на Русија, кој беше дел од делегацијата во Ријад, на прес-конференцијата рече дека Русија и САД се договориле да создадат услови за целосно обновување на соработката меѓу двете земји.

Лавров вели дека за време на средбата било забележано дека Доналд Трамп бил „првиот од западните лидери“ кој изјавил дека „воведувањето на Украина во НАТО е една од најголемите грешки на Бајден“.

Тој додава дека Путин во неколку наврати објаснувал дека проширувањето на НАТО и приемот на Украина во алијансата би претставувале „директна закана“ за Русија.


„Секое појавување на вооружените сили под некои други знамиња не менува ништо. Ова, се разбира, е целосно неприфатливо“, вели тој.

Лавров изјави дека руската и американската делегација на разговорите во Ријад „не само што се слушале туку и се слушнале“ и најави претстојно отворање на амбасади во двете земји.

Рече дека двете страни се договориле да се обезбедат најбрзо можно именување амбасадори во двете земји и отстранување на бариерите што американската администрација, особено онаа на претходниот претседател Џо Бајден, долги години ги поставуваше меѓу дипломатските претставништва.

Тој додаде дека заемното присуство на амбасадите било „практично договорено“, односно дека двете страни се договориле дека треба да ги решат прашањата за функционирањето на дипломатските претставништва, пренесува Гардијан.


Ги оцени разговорите меѓу двете делегации како многу корисни.

„Јас ги имам сите причини да верувам дека американската страна ја разбира нашата позиција“, вели тој. Лавров нагласи дека двете страни се договориле што е можно поскоро да го започнат процесот на мировни преговори за Украина.

Тој изјави дека Русија ќе почека САД да ги потврдат своите претставници за преговорите, а потоа ќе назначи свои. Лавров потврди дека договорените точки создаваат услови за поширока соработка меѓу САД и Русија, вклучително и продолжување на консултациите за геополитички прашања, како и отстранување на вештачките бариери на патот кон заемно корисна економска соработка, пренесува Танјуг.

Тој исто така посочи дека постои заедничка желба да се најдат решенија за војната во Украина. Лавров рече дека ги информирал своите американски колеги дека е неприфатливо за Русија испраќањето странски контингент од земјите на НАТО во Украина, пренесе РИА Новости.

„Појавувањето на вооружените сили од истите земји на НАТО, но под странско знаме, под знамето на Европската унија или под национални знамиња, не менува ништо во овој поглед. Ова е, се разбира, е неприфатливо за нас“, рече Лавров.

По средбата меѓу Русија и САД, се огласи Зеленски: „Искрено, не ми е ни гајле“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше средбата на американскиот и рускиот претставник во Ријад, нарекувајќи ја „разговори за Украина без Украина“.

Медиумите потсетуваат дека ниту еден украински функционер не беше поканет на преговорите.

Зеленски зборуваше на прес-конференција во турската престолнина Анкара, каде што се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.


„Денеска детално разговаравме за глобалните процеси кои би можеле да доведат до крај на оваа војна“, рече Зеленски и додаде дека разгледале различни можности.

Тој нагласи дека „од суштинско значење е какви било разговори за завршување на војната да не се водат зад грбот на страните директно вклучени во неа“. За траен мир, рече тој, важно е да не се прават грешки. Сите страни мора да бидат на преговарачка маса – Америка, Европа и Украина“, заклучи Зеленски.

Зеленски најави откажување на посетата на Саудиска Арабија која беше планирана за утре.

Украинскиот лидер ова го изјави за време на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, пренесува Укринформ.


„Одлуките за тоа како да се стави крај на војната во Украина не може да се донесат без Украина, ниту може да ни се наметнат одредени услови. Не бевме поканети на оваа руско-американска средба во Саудиска Арабија – тоа беше изненадување за нас, како, верувам, и за многу други.

Тврди дека за руско-американската средба дознале од медиумите.

„Ние дознавме за состанокот од медиумите. Не знам кој ќе остане таму, кој ќе замине или кој планира да оди. Искрено, не ми е ни гајле. Она што ми е важно е како нашите партнери не доживуваат. И ние сме апсолутно искрени и транспарентни. Не сакам никакви недоразбирања, поради што нема да одам во Саудиска Арабија“ изјави Зеленски одговарајќи на прашање на новинар на Укринформ.