„Прженото пилешко“ повеќе не е од Кентаки: Шокантна одлука на компанијата – По 95 години познатиот бренд ќе го префрли во Тексас

Точка

20/02/2025

19:32

1.075

Големина на фонт

а а а

Синџирот за брза храна КФЦ, познат како „Kentucky Fried Chicken“, планира да ја напушти сојузната американска држава во која е основан, откако матичната компанија „Yum Brands“ објави дека корпоративното седиште на синџирот ќе се пресели од Луисвил, Кентаки, во предградие на Далас, Тексас.

Тоа е значајна промена за 95-годишната компанија која започна со работа во мотел во мал град во Кентаки, кога го додаде името на државата во називот на сега веќе еден од најпознатите синџири со 30.000 ресторани во 150 земји, објави Си-ен-ен.

Седиштето на КФЦ во предградието на Далас, ќе биде до канцелариите на сестринскиот бренд „Pizza Hut“, што би требало да „поттикне поголема соработка меѓу брендовите и вработените“, соопшти компанијата.


КФЦ нема целосно да го напушти своето родно место, бидејќи има планови да изгради нов „прв водечки ресторан“ во Луисвил.

Веста за заминувањето го налути гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, кој рече дека е „разочаран од оваа одлука“.

„Името на оваа компанија започнува со Кентаки и таа го промовираше наследството и културата на нашата држава, па се надевам дека КФЦ ќе го преиспита преместувањето на вработените“, додаде Бешир.


Приближно 100 корпоративни работници на КФЦ од Луисвил ќе се преселат во Тексас во текот на следните шест месеци, а уште 90 вработени на далечина ќе се преселат во новото комбинирано седиште.

Компанијата со години се мачи кога станува збор за бизнисот, а неодамна објави пад на продажбата од пет проценти во САД, бидејќи ривалите, како што се Попај и Вингстоп, привлекуваат сè повеќе посетители.

КФЦ се приклучува на растечката листа на компании кои се преселиле во државата Тексас, со која управуваат републиканците во последниве години, вклучувајќи ги Шеврон, Тесла, Х и Спејс Икс.