Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, делегациите на САД и Русија, предводени од американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по неколкучасовни преговори постигнаа договор за понатамошна меѓусебна соработка, како и за напорите за ставање крај на руско-украинската војна.
Еве што беше договорено во Ријад и што следува:
1. Обнова на дипломатските односи
Сергеј Лавров по разговорите во Ријад изјави дека страните постигнале договор за забрзување на назначувањето на нови амбасадори.
Тој додаде дека високи дипломати од Русија и САД наскоро ќе се сретнат за да разговараат за „отстранување на вештачките пречки за работата на американските и руските амбасади и други мисии“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио истакна дека невозможно е да се постигне мировен договор за Украина без дипломатски ангажман.
„Нема да преговарам или зборувам за сите елементи на нарушување на нашите дипломатски односи. Но, крајот на конфликтот не може да се случи доколку не воспоставиме барем малку нормалност во работата на нашите дипломатски претставништва во Москва и Вашингтон“, рече Рубио.
2. Назначување на тимови за преговори за мир
Русија и САД се согласија да формираат работни групи на високо ниво за да започнат со истражување на опции за преговарачко решение на конфликтот. Не беше јасно кога тимовите ќе се сретнат за прв пат, но двете страни рекоа дека тоа ќе биде наскоро, објави Асошиејтед прес.
Мајк Волц, советник на Трамп за национална безбедност, рече дека прашањата за територијата и безбедносните гаранции ќе бидат дел од разговорите.
Рубио додаде дека тим од експерти ќе започне разговори со руската страна за „параметрите како би можел да изгледа крајот на овој конфликт“.
Лавров рече дека Москва нема да прифати војници од земјите-членки на НАТО, повторувајќи го ставот дека аспирациите на Украина да се приклучи на пактот претставуваат голем безбедносен проблем.
„Ние објаснивме дека распоредувањето на војници од земјите на НАТО, дури и под знамето на ЕУ или како национални сили, нема да промени ништо и дека тоа за нас ќе биде целосно неприфатливо“, рече Лавров.
3. Учество на Украина и Европа во преговорите
Ниту Украина, ниту европските земји не беа поканети на состанокот во Ријад, но американските власти нагласија дека не планираат да ги исклучат од мировните преговори доколку тие се одржат.
„Никој не е настрана овде. Се разбира, ќе има ангажман и консултации со Украина, нашите партнери во Европа и другите. Но, на крајот на краиштата, руската страна е суштинска за овој процес“, рече Рубио.
Волц додаде: „Ако планирате да ги доведете двете страни на преговарачка маса, мора да разговарате со двете страни... Апсолутно разговараме со сите“.
Тој нагласи дека Трамп разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела веднаш по неговиот разговор со Путин, и дека американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и Рубио разговарале со Зеленски во петокот во Германија.
Сепак, Зеленски беше видно незадоволен од неговото исклучување од средбата и ја одложи планираната посета на Саудиска Арабија за да избегне каква било поврзаност на неговата посета со овие преговори.
4. Работа на економските можности и соработка за геополитички интереси
Русија и САД се согласија да ги разгледаат можностите за понатамошна геополитичка и економска соработка што може да произлезе од завршувањето на конфликтот во Украина.
Шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев рече дека САД и Русија треба да развијат заеднички енергетски проекти.
Рубио додаде дека евентуалниот крај на војната во Украина може да отвори „неверојатни можности“ за подобрување на односите меѓу САД и Русија.
„Потребни ни се заеднички проекти, вклучително и на Арктикот и другите региони“, рече тој.
Ако страните можат да преговараат за крај на конфликтот во Украина, рече Рубио, тоа би можело да отвори „неверојатни можности“ за партнерство со Русите за прашања кои се добри за светот и „да ги подобрат односите на долг рок“.
5. Продолжување на дијалогот
Двете страни се согласија да го продолжат дијалогот и ангажманот во понатамошните разговори.
Лавров го нарече состанокот „многу корисен“ и рече дека Москва ќе се обиде да назначи специјален пратеник што е можно поскоро.
„Имам сите причини да верувам дека и американската страна ја разбира нашата позиција“, рече Лавров.
Рубио им изјави на новинарите по состанокот дека разговорите се „првиот чекор на долг и тежок пат“ кон ставање крај на војната во Украина и дека делегациите на САД и Русија се согласиле за принципите на дијалог за време на разговорите.
„Се можеше лесно да се реши“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американско-руските разговори во Ријад биле многу добри и дека по нив станал многу посамоуверен за изводливоста на договорот за решавање на конфликтот во Украина.
Трамп рече дека преговорите биле многу добри и дека Русија сака да направи нешто, објаснувајќи дека е подготвен да размисли за испраќање американски мировници во Украина.
Тој додаде дека не е против испраќање европски војници во Украина. Трамп рече дека е разочаран од ставот на Украина за конфликтот со Русија.
„Имаа три години да седнат на преговарачка маса. Ова можеше многу лесно да се реши“, потсети Трамп, додавајќи дека конфликтот во Украина можеше да се реши без губење на територија, дури и со просечен преговарач пред неколку години.
„Можев да склучам договор за Украина што ќе им ја дадеше речиси целата територија. Ниту еден народ нема да биде убиен и ниту еден град нема да биде уништен“, рече тој.
Американскиот претседател ја поддржа и потребата од одржување избори во Украина.
Условите на Путин за мир:
1. Русија е подготвена за прекин на огнот во секое време доколку украинската армија ги напушти Доњецката и Луганската народна република, како и регионите Запорожје и Керсон. На ова треба да се додаде и регионот Курск, кој Украинците го нападнаа во август минатата година.
2. Украина мора да се откаже од влезот во НАТО.
3. Во меѓународните договори, новите руски региони мора да бидат признати како руска територија.
4. Сите санкции против Русија мора да бидат укинати.
5. Русија не е заинтересирана за замрзнување на конфликтот, туку за долгорочно решение.
6. Нападот врз Украинската православна црква и рускиот јазик во Украина треба да престане.
7. Украина треба да прогласи неутралност и да се откаже од влезот во НАТО.
8. На Украина би ѝ било ветено членство во ЕУ до 2030 година.
9. Европа треба да ја преземе одговорноста за обнова на Украина по војната. Украина би се обврзала да не се обиде да ги врати териториите на Народните републики Доњецк и Луганск, како и регионите Запорожје и Херсон, со воени средства. Киев нема официјално да го признае суверенитетот на Русија врз овие области. Украина нема да ја намали својата армија, а САД би ѝ помогнале да ја модернизира.
10. Во Украина мора да се одржат избори што ќе им овозможат на партиите кои се залагаат за соработка со Русија да учествуваат.