Производителот на луксузни автомобили „Porsche“ во четвртокот објави дека планира да намали околу 1.900 работни места во две свои фабрики во Германија до 2029 година. Отпуштањата се планирани во главната фабрика на „Porsche“ во Штутгарт и во развојниот центар во Вајзах.
Вработените во „Porsche“ моментално имаат гарантиран работен однос до крајот на деценијата, што значи дека компанијата ќе мора да ги охрабрува да заминат доброволно. Веќе минатата година управата започна со намалување на бројот на вработени, најавувајќи дека повеќе нема да ги продолжува договорите на определено време.
На почетокот на месецов, компанијата неочекувано објави дека ќе ги отпушти главниот финансиски директор Лука Мешке и директорот за продажба Детлев фон Платен, без да наведе конкретни причини. Исто така, најавија дека ќе го вратат фокусот кон возилата со мотори со внатрешно согорување.
Влијание на трговската војна меѓу Кина и ЕУ
Германскиот производител на луксузни автомобили е особено погоден од тензиите во трговските односи меѓу Кина и Европската Унија. Брисел минатата есен воведе дополнителни царини на увозот на електрични автомобили во Кина, а Пекинг најави дека би можел да возврати со зголемување на царините за бензинските лимузини и "SUV" возила со мотори поголеми од 2,5 литри.
Кина претставува четвртина од глобалната продажба на „Porsche“. Компанијата во јануари објави дека во текот на минатата година испорачала 28% помалку автомобили во Кина во споредба со 2023 година.