Пејачката Селена Гомез и музичкиот продуцент Бени Бланко го најавија својот прв заеднички албум, „I Said I Love You First“, кој ќе биде објавен на 21 март, објави „Варајети“.
Токму на Денот на вљубените, двојката која неодамна се вери ја претстави и првата песна од албумот, „Scared of Loving You“. Баладата, напишана од Гомез, Бланко и Финијас, носи емотивен текст во кој Гомез пее:
„Не се плашам да те сакам, само се плашам да те изгубам…
Не се плашам од никого, ниту од младоста што згаснува,
Ниту од тоа дека ќе најдеш некој нов…
Зашто, како би можел некој да те сака како што те сакам јас?“
Оваа гитарска балада со позитивен ритам е проследена со музичко видео, во кое Гомез и Бланко уживаат во опуштено утро во кревет.
Според официјалното соопштение, албумот ја слави љубовната приказна на парот, нудејќи им на фановите уникатен поглед во нивниот однос. Проектот е резултат на хемијата и удобноста што ги почувствувале при креативната соработка, овозможувајќи им автентично да ја преточат својата врска во музика. Албумот ја раскажува целата нивна приказна – пред да се запознаат, како се вљубиле и што носи иднината.
Во изминатите месеци, Гомез направи пауза од музичката кариера за да го промовира музичкиот филм на Жак Одијар, „Емилија Перез“ („Emilia Perez“). Како актерка и продуцентка, таа е повеќекратно номинирана за Еми, САГ и Златен глобус, а неодамна ја доби и својата прва номинација за БАФТА за улогата на Џеси Дел Монте во овој филм.