Познатиот американски актер Роберт Редфорд по шест години се врати на актерството со помала улога во серијата „Dark Winds“. Легендарниот актер исто така е и извршен продуцент на серијата заедно со Џорџ Р.Р. Мартин, а и двајцата се појавија во премиерната епизода од третата сезона.
Редфорд и Мартин глумеа затвореници кои играат шах, а на сцената се појави главниот лик, полицаецот од племето Навахо, Џо Лифорн (Зан Мекларнон), кој имаше само пофалби за нив.Тој рече дека Роберт и Џорџ биле „прекрасни човечки суштества“. „Го поминав викендот со Роберт, а седењето и разговорот со него беше како остварување на сон. Тој беше мојот личен херој додека растев“, рече тој.
Редфорд побарал затворен сет
Според „Vulture“, сцената во која глумеле Роберт и Џорџ била снимена на затворен сет, како што побарал Редфорд. Режисерот на епизодата во која се појавија Редфорд и Мартин, Крис Ејр, рекол дека идејата тие да се појават била „во воздух уште од првата сезона“, но дека бил исплашен токму затоа што требал да работи со Роберт.
„Боб е толку љубезен и тој ден беше многу драг, а исто така и Џорџ. Но, се сеќавам дека Зан се сврте кон мене пред да почнеме да снимаме и ми рече: „Ти правиш сцена со Роберт Редфорд, тоа е неверојатно“, а јас му одговорив: „Зан, те молам биди тивок. Ме правиш нервозен“, рекол режисерот.
Во 2018 година најави дека ќе се пензионира, а потоа ја повлече изјавата
Последната улога на Роберт пред оваа беше во филмот „Avengers: Endgame“ од 2019 година, во која тој ја повтори улогата од филмот „Captain America: The Winter Soldier“ од 2014 година. Инаку Редфорд пред едниот од неговите последни филмови, „The Old Man & The Gun“ од 2018, изјавил дека ќе се пензионира, но на премиерата на овој филм рекол дека пензионирањето е грешка.
„Не требаше да го кажам тоа. Ако се пензионирам, треба само тивко да исчезнам од глумата и да не зборувам за тоа, бидејќи мислам дека привлекува премногу внимание на погрешен начин“, рекол тогаш актерот.
Се занимавал со продукција
Роберт е најпознат по улогата во филмот „Butch Cassidy“ и „Sundance Kid“, а глумел и во култните филмови како што се „All The President’s Men“ и „The Way We Were“.
Во текот на последниве години, тој се фокусирал на режијата и продуцирал серии како „Dark Winds“ и „The Mustangs: American’s Wild Horses“.