Роберт Патинсон во новото интервју за Deadline“ откри дека снимањето на „The Batman Part II“, во режија на Мет Ривс, ќе започне дури кон крајот на 2025 година. Актерот за првпат го толкуваше популарниот суперхерој Бетмен во 2022 година, а неговата изведба ги воодушеви љубителите на стрипови.
За време на премиерата на неговиот последен филм, научно-фантастичната црна комедија „Mickey 17“, Патинсон рече дека не може да зборува за деталите околу дејството во новиот Бетмен, но тој го нарече филмот „кул, навистина е кул“.
#Mickey17 star Robert Pattinson on shooting #TheBatman sequel at the end of this year: "It's cool" pic.twitter.com/uencAfmEBN
— Deadline (@DEADLINE) February 13, 2025
Веста на Патинсон за почетокот на снимањето доаѓа веднаш откако „Warner Bros.“ објави дека премиерата на „The Batman Part II“ е одложена од 2 октомври 2026 година за 1 октомври 2027 година. Филмот беше најавен уште во април 2022 година, кога беше потврдено дека ѕвездите од првиот филм ќе глумат и во продолжението: Патинсон, Енди Серкис, Џефри Рајт и Колин Фарел.
Ривс претходно изјави за медиумите: „Работиме на нешто што ќе ја продолжи приказната онаму каде што застана и нешто што се надевам дека навистина ќе ги изненади гледачите“.
Првиот филм од франшизата на Ривс беше огромен хит, со заработка од речиси 800 милиони долари на боксофисот. Критичарите му дадоа позитивни критики, а подоцна беше номиниран за три Оскари.
Што се однесува до Патинсон, неговиот филм „Mickey 17“ ќе биде достапен во кината од 6-ти март. Инаку следниот проект на актерот е филмот „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан.