Постојат бројни дискусии и контроверзии околу прашањето кој би сакал, а кој повеќе би избегнал да го дознае точниот момент и начинот на својата смрт, при што мислењата значително се разликуваат – додека некои сметаат дека таквите информации би им помогнале да го планираат својот живот, други веруваат дека тоа би создало непотребен стрес и вознемиреност.
За оние кои се доволно љубопитни и храбри да ѕирнат во неизвесноста на сопствената судбина, се појави бесплатна, интригантна иновација – „часовник на смртта“, создаден од вештачка интелигенција.
Веб-страницата која тврди дека може да го предвиди точниот момент на вашата смрт е достапна целосно бесплатно, а можете да ја истражите вашата судбина со кликнување на линкот и да ја испробате самите.
Што нуди часовникот на смртта?
Оваа страница бара внесување на основни лични информации, како датум на раѓање, пол и држава на живеење (Македонија ја нема како избор), но оди чекор подалеку – ги зема предвид и животните навики, вклучувајќи консумација на алкохол, пушење, навики во исхраната и ниво на физичка активност.
Врз основа на овие податоци, вештачката интелигенција потоа прави предвидување за очекуваниот животен век и можната причина за смрт. Исто така, ви овозможува да ја споредите вашата долговечност со други луѓе од ист пол.
Освен што овој калкулатор на вештачка интелигенција ја пресметува точната возраст до која ќе живеете, ги одбројува и деновите, часовите, минутите и секундите до вашиот наводен крај.
Колку е всушност точно?
Не е јасно како точно вештачката интелигенција го предвидува времето на смртта. Слични програми, како апликацијата „Death Clock“, користат студии за очекуваниот животен век од извори како ЦДЦ (Центар за контрола и превенција на болести).
Предвидувањата се засноваат на водечките причини за смрт според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), но корисниците можат да видат само една причина за смрт по тест, без објаснување зошто некој би умрел од срцеви заболувања наместо, да речеме, од дијабетес или од несреќа.
Не е се така мрачно… или сепак е?
И покрај морбидната премиса, страницата нуди и совети за подолго живеење. Препорачува најмалку 30 минути вежбање дневно, што може да го намали ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и рак.
Исто така советува да се избегнува пушење (главна причина за рак на белите дробови) и умерено консумирање алкохол. Покрај физичкото здравје, тие ја нагласуваат важноста на социјалните контакти, бидејќи е докажано дека осаменоста може да го зголеми ризикот од невролошки заболувања како што е деменција.