Колумбиската ѕвезда Шакира ја започна најголемата турнеја во својата кариера, а нејзиниот прв концерт во Рио де Жанеиро, покрај изведбата на повеќе од 30 песни, го одбележаа и 13-те различни модни комбинации.
Пејачката ја започна својата светска турнеја „Las mujeres ya no lloran“ со концерт кој траеше повеќе од два часа на стадионот Нилтон Сантос во Рио де Жанеиро. Ова е прв од 24-те концерти кои пејачката ги закажа само во јужноамериканскиот регион.
Шакира се појави во 13 различни модни комбинации, кои беа адаптирани на секој блок од концертот.
Меѓу нив имаше креации на Версаче, кои беа изработени по нарачка, а кои вклучуваа металик комплет од почетокот на концертот и розов мини фустан.
Пејачката облече и креација на индиската дизајнерка Анамика Кана која ја носеше за време на делот од концертот кој вклучуваше стомачен танц. Се работи за огнено црвен сет – градник и здолниште со светки.
Друга особено впечатлива креација која ја носеше беше тесниот, полупроѕирен комбинезон кој ги истакна облините на пејачката.
Шакира ги „крена“ на нозе сите 47.000 присутни со хитовите како „Inevitable“ и хитовите од нејзиниот последен албум „Las mujeres ya no lloran“, со кој годинава освои Греми награда за најдобар латино поп албум.
Концертот започна со песната „La fuerte“ и продолжи со хитови како „Girl like me“, „Las de la intuición“ и „Estoy aquí“. Најемотивниот момент на концертот беше кога нејзините синови Саша и Милан ја следеа од екранот во изведбата на хитот „Acrostico“.
На репертоарот се најдоа и нејзините најпопуларни песни како „Hips Don’t Lie“, „Whenever Wherever“ и „Ojos Así“, а токму овие музички нумери беа придружени со култниот стомачен танц на пејачката и препознатливите движења. Шакира ги отпеа и хитовите од нејзината рок ера како „Poem to a Horse“ i „Don’t Bother“.