Американскиот актер Дик Ван Дајк, кој на 13 декември полни 100 години, откри кои две навики ги смета за тајна на својата долговечност, а станува збор за престанувањето со консумирање алкохол и пушење во неговите педесетти години.
Коментарите следеа кога зборуваше за соработката со Волт Дизни, кој почина од рак на белите дробови во 1966 година, на настанот Vandy High Tea. Ван Дајк се присетил дека Дизни „премногу пушел“, пренесува магазинот „People“.
Подоцна го исправил својот син Бери Ван Дајк кога Бери рекол дека актерот не пушел многу.

„Всушност пушев многу!“, забележал Дик. „Мислам дека веројатно имав околу педесет години кога конечно ми ‘светна’ дека имам зависничка личност. Ако нешто ми се допаѓаше – претерував“.
Потоа појаснил: „Така се ослободив од алкохолот, цигарите и сето тоа, што веројатно е причината поради која сè уште сум тука“.

Актерот претходно отворено зборувал за престанувањето со пиење и пушење. Во 1972 година се пријавил во болница откако открил дека се бори со алкохолизам. Сепак, признал дека откажувањето од пушење „било двојно потешко“ во поткастот „Really No Really“ во 2023 година.
„Беше многу полошо од алкохолот. Сè уште џвакам никотинска гума за џвакање“, изјави тој.
Дик, кој е 46 години постар од својата сопруга, се осврна на сопственото стареење во есеј за „Sunday Times“ објавен минатиот месец.

„Фрустрирачки е да се чувствуваш намален во светот, физички и општествено“, напиша тој.
Рече дека неговите најблиски сега речиси секогаш мора да го посетуваат во неговиот дом, бидејќи патувањата се премногу напорни за него овие денови.
„Доживеав 99 години во голема мера затоа што тврдоглаво одбивав да им се препуштам на лошите работи во животот: неуспесите и поразите, личните загуби, осаменоста и горчината, физичките и емотивните болки од стареењето“, рече тој.

Потоа додаде: „Тоа е реално, но не дозволив да ме дефинира. Наместо тоа, поголемиот дел од моите години бев во она што можам да го опишам само како целосна мечешка прегратка со искуството на живеењето. Да се биде жив значи да се ‘работи’ животот – не како работа, туку како огромно игралиште“.











