„Ако пред десетина години сточниот фонд на крупна стока во државата изнесуваше околу 260.000 грла, денес по седум години погубни политики на минатата власт сточниот фонд изнесува нешто помалку од 140.000 грла“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од собраниска говорница одговарајќи на пратеничко прашање.
„Имаме сериозен пад на млекопроизводство, тоа е се резултат на погрешни политики, лоша земјишна политика, неисплата на субвенциите, без конкретни мерки и програми. Но, тоа време заврши и изминатите 6-7 месеци како власт работиме интензивно како да го вратиме сточарството во Република Македонија и млекопроизводството меѓудругото како еден од најважните производи“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека субвенциите не се намалени туку напротив се зголемени.
„Во минатогодишната Програма субвенцијата за грло крупна стока изнесуваше 12.000 денари за крава и 5 денари за литар млеко предадено во преработувачки капацитет. Оваа година во Програмата за 2025 година поддршката изнесува за грло 8.000 денари и 6 денари за литар предадено млеко во преработувачки капацитети“, истакна тој.
Посочи дека ако една крава има просечно лактација од 6.000 литри во текот на годината, ако се помножи 6.000 литри со 6 денари субвенција која што е предвидена во Програмата за 2025 година тоа се 36.000 денари. И кога на тие 36.000 денари се додадат и дополнителните 8.000 денари за грло крава се добива сума од 44.000 денари.
Министерот додаде дека според старата Програма субвенцијата изнесуваше 12.000 денари по грло и субвенција од 5 денари за предадено литар млеко, тогаш сточарите земале само 42.000 денари.
„Оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно можност за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата која што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле е 3.000 денари дополнителна субвенција“, најави Трипуновски.
Тој нагласи дека Министерството визионерски работи на зголемување на сточниот фонд во Република Македонија.