Работната недела во Шпанија стартуваше со ексклузивно гостување на Марсело во „Ел Ормигеро“ програмата која е крајно популарна на Пиринеите, а сосема очекувано, Бразилецот испорача низа анегдоти поврзани за неговата блескава играчка кариера.
Левиот бек реши да стави крај на фудбалското патување и во саботата беше испратен во пензија од преполниот „Сантијаго Бернабеу“, стадион на кој ги мина најдобрите играчки денови, но и најубавите моменти во професионалниот живот.
Марсело се повлече како легенда на Реал и неговиот живот е тесно поврзан со Мадрид, град во кој планира да продолжи да живее со своето семејство.
Во разговорот со Пабло Мотос, Марсело се потсети на деновите кога Мурињо му одржал лекција поради тоа што не знаел да игра во одбрана, но издвои и едно име на соиграч од кој останал најмногу изненаден.
Марсело во Реал играше со ѕвезди како Роналдо, Бејл, Бензема, Модриќ, Крос, Рамос, како и легендарниот Раул, но Марсело открива дека најмногу изненаден останал од Иско.
– Играв со многу добри играчи во кариерата, но најмногу изненаден останав од Иско. Тој беше играч за кој велевте: Никогаш нема да му ја одземете топката од нозе, – порача Марсело.