Анализа на Сојузот на стопанските комори: Супермаркетите работат со ниски профити, доставувачите го диктираат пазарот

Макфакс

06/02/2025

13:13

547

Големина на фонт

а а а

Потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и доставувачите и увозниците, да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат доставувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените, што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста. Ваков е заклучокот на анализата што ја спроведе Сојузот на стопанските комори.

На состанокот со претставниците на малопродажните синџири и локалните клучни партнери исто така беше договорено меѓу сите малопродажни синџири и локалните клучни партнери да не се примаат нови ценовници минимум до крајот на првиот квартал оваа година.

„Бројките од анализата покажаа дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на доставувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи“, велат од ССК.

Се додава дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 прценти. Некои доставувачи, според анализата, имаат профитни маржи над 13 проценти, а супермаркетите остануваат под 3 проценти.

Анализата покажа екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи шт осе далеку над оние на супермаркетите.

„Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените иако заработуваат значително помалку од производ од доставувачите. На листата на 15 најголеми доставувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8 % од вкупниот приход на производителите, но 21,3 % од нивниот вкупен профит“, додаваат од Сојузот на стопанските комори потенцирајќи дека супермаркетите се важен фактор за вработеноста во државата, а производителите генерираат високи профити со значително помалку работници.

Анализата сугерира и дека маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно, промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите.

„Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Дополнително, профитната маржа кај маркетите од година на година опаѓа за разлика од другата страна, каде што се зголемува. Во исто време, меѓународните доставувачи одржуваат значително поголем профит од супермаркетите. Тие вршат силно влијание врз пазарните цени ограничувајќи ја способноста на домашните трговци на мало да ги приспособат цените надолу. Бројките ја покажуваат вистината, супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените“, велат од ССК.

Сојузот на стопанските комори на Македонија бара транспарентност и фер одредување на цените во целиот синџир на снабдување, па затоа повикуваат на поголема транспарентност затоа што време е да се адресира вистинската причина за високите цени и секој во процесот треба да има одговорност.