Легендарниот актер Том Селек го одбележа својот 80. роденден со скромен ручек во познат ланец за брза храна. Оскаровецот бил забележан како зема оброк, а потоа го јаде во својот камионет.
„Немам никакви планови за славење. Можеби ќе вечерам со брат ми, сестра ми и сопругата Џил“, изјавил Том Селек во едно неодамнешно интервју, додавајќи дека не им придава големо значење на родендените. „Пред многу години престанав да ги бројам, само сакам да продолжам да работам.“
Крај на една ера: Збогување од „Blue Bloods“
Селек се соочува со побавно темпо по завршувањето на хит-серијата „Blue Bloods“, која беше откажана минатата година по 14 сезони успех. Актерот го изрази своето незадоволство од оваа одлука, истакнувајќи дека серијата сè уште е меѓу најгледаните ТВ програми во Америка.
„Се чувствувам фрустрирано. Серијата отсекогаш имаше добри резултати, а сега само ја згаснаа“, рекол Селек, додавајќи дека можело да се каже многу повеќе за неговиот лик Френк Реган.
Иако „Blue Bloods“ заврши, Селек не ја отфрлил можноста за враќање.
„Би сакал да направам уште една комедија, но онаа вистинската – онаа што ќе ги тера луѓето и на насмевки и на солзи, како што тоа го правеше „Friends“. Исто така, тој е отворен за идејата да се продолжи приказната за Френк Реган во некој друг формат.
Мемоари пишувани со рака
Освен на актерството, Селек се посветил и на пишување мемоари.
„Никогаш не можев да пишувам на компјутер. Сè пишував рачно, на жолти блокови хартија“, открил актерот.
Неговата книга „You Never Know“ носи приказни од неговиот живот, од студентските денови и воениот рок, до периодот кога станал ТВ икона.
„Моето детство не беше полно со скандали, но сакав книгата да биде забавна. Раскажував приказни одвнатре, така што читателите можеа да ги видат работите од моја гледна точка“.
Селек, кој со годините остана повлечен кога станува збор за неговиот приватен живот, сега е подготвен да сподели некои од своите искуства и лекции што ги научил.
„Најмногу сум горд на фактот што бев подготвен да ризикувам. Некогаш не успеваше, но често да. Ризикот е цената која ја плаќаме за можностите во животот“.