Американската музичарка и поетеса Пети Смит (78) се онесвести за време на настап во Бразил, откако неколку дена страдала од силни мигрени, пишува „Гардијан“.
Според „Folha de S. Paulo“, таа паднала на сцената околу 30 минути по почетокот на настанот, додека читала текст за климатската криза. По интервенцијата на медицинскиот тим, била однесена зад сцената со инвалидска количка.
Смит подоцна се вратила за да се извини: „Докторот рече дека не можам да продолжам. Многу ми е жал“. Публиката реагирала со поддршка: „Не грижи се, те сакаме!“
Иако настапот бил прекинат, нејзиниот колектив „Саундвок колектив“ објавил дека таа е под лекарска грижа и ќе продолжи со турнејата следниот ден.
Смит, чиј последен соло албум „Banga“ излезе во 2012 година, во последниве години се посвети на пишување и соработки со „Саундвок колектив“. Во декември 2023 година, кратко била хоспитализирана во Италија поради ненадејна болест.
Во 2016 година, таа се извинила откако ги заборавила зборовите на песната на Боб Дилан, „A Hard Rain’s A Gonna Fall“, на церемонијата на неговата Нобелова награда за литература во Стокхолм.
„Неподготвена за таква лавина сензации, не можев да продолжам. Не ги заборавив зборовите, тие се дел од мене. Едноставно не можев да ги изразам“, објаснила Пети Смит за тоа што всушност се случило во Стокхолм. Имено среде церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за Боб Дилан кога ја пеела неговата „A Hard Rain’s Gonna Fall“ таа одеднаш застанала, се извинила и побарала од музичарите да ја повторат строфата и да ја завршат песната.
Надалеку ценета за нејзината сирова панк енергија и поетските стихови, Пети била примена во Рокенрол Куќата на славните во 2007 година и ја освоила наградата во 2021 година за нејзиниот револуционерен албум „Horses“.
Четири пати била номинирана за Греми награди, а во 2023 година Ролинг Стоун ја прогласи за една од најголемите пејачки на сите времиња.
„Се прашував дали навистина сум избрана да бидам уметница. Не се плашев од мизеријата на таквиот повик, но ме згрози помислата на можноста тој повик да ме заобиколи“, напишала таа во одличната книга мемоарска проза „Just kids“ (2010).