Мајстори во сенка – невидливата економија на автомеханичарите во Македонија

Денар

28/01/2025

14:10

3.455

Големина на фонт

а а а

Работата во автомеханичарската индустрија во Македонија е полна со предизвици, а според неофицијални податоци, над 60 проценти од автомеханичарите во земјава работат „на црно“.

Иако нивните услуги се неопходни за секојдневното функционирање на граѓаните, многумина од овие работници остануваат надвор од легалните текови.

Скриени сервиси и борба за опстанок

Автомеханичарот Петар од Скопје, кој работи во импровизирана гаража во една рурална скопска населба, вели дека илегалното работење за многумина не е избор, туку неопходност.

„Да се регистрира сервис и да се работи по законот е многу скапо. Даночните обврски, високите трошоци за простор и лиценци, како и честите инспекции, буквално ги гушат малите мајстори. Ако сакаме да преживееме и да обезбедиме храна за семејствата, мораме да најдеме начин да работиме, дури и ако тоа значи да работиме ‘во сенка’,“ вели нашиот соговорник.

Тој додава дека не само што овие мајстори се принудени да работат нелегално, туку често се изложени на дополнителни ризици, бидејќи немаат ниту основна заштита како здравствено осигурување или придонеси за пензија.


Недостиг од контрола и волја за промени

И покрај зголемениот број на автомобили во земјава, државните институции не успеваат да воспостават ефикасен систем за регулирање на овој сектор.

Според експертите, проблемот лежи во тоа што институциите се фокусирани на казни, наместо на поддршка.

„Многу автомеханичари би сакале да го легализираат својот бизнис, но процедурите се сложени, а трошоците огромни. Наместо да им помогнат со субвенции за мали претпријатија или со поедноставување на административните процеси, тие се фокусираат на санкции. Тоа е рецепт за демотивација“, коментираат познавачите.

Последици за економијата

Иако на прв поглед изгледа дека државата губи приходи од неплатените даноци, експертите предупредуваат дека проблемот е подлабок.

Економискиот аналитичар Ведран Кузмановски вели дека нерегистрираните работници создаваат економска нестабилност.

„Кога голем дел од автомеханичарите работат нелегално, тоа ги става во нелојална конкуренција со легалните сервиси. Оние што работат по правилата се соочуваат со огромен финансиски притисок, бидејќи не можат да се натпреваруваат со цените на ‘црниот пазар’,“ вели Кузмановски.


Што велат граѓаните?

Од друга страна, граѓаните, како редовни клиенти на автомеханичарите, имаат поделени мислења.

Некои ги поддржуваат мајсторите, а други ги обвинуваат за неквалитетни услуги.

„Одам кај мајстор во близина на мојата зграда. Работи добро, но никогаш не добив фактура или некаков доказ за плаќање. Тоа ми создава несигурност, бидејќи не знам дали ќе имам основа за жалба ако нешто тргне наопаку,“ вели Андреј, жител на Карпош.

Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.