Кривична против поранешен помошник-министер и против раководител во МВР за незаконски јавни набавки

Макфакс

29/01/2025

18:10

10.230

Големина на фонт

а а а

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ж. Т. во својство на помошник-министер во Министерството за внатрешни работи и против А. С. во својство на раководител на Секторот за набавки, менаџмент и логистика во Министерството за внатрешни работи поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 ст. 4 вв ст. 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Првопријавениот Ж. Т. во својство на одговорно лице, помошник-министер при Министерството за внатрешни работи на РСМ, неизвршувајќи ги своите службени овластувања, свесно и со однапред утврдена намера, не донел одлука за јавна набавка од отворена постапка за набавка на услуги за сервисирање на возилата во сопственост на МВР во 2018 година иако бил донесен план за дополнување на годишниот план за да се спроведе во декември 2018 година, не презел дејства за навремено почнување и објавување редовна постапка и ја загрозил безбедноста на вработените во Министерството за внатрешни работи, со што ги довел возилата во состојба на дефект и неможност тие да се сервисираат на начин што не донел одлука во најбрз можен рок по носењето на новиот годишен план за јавни набавки за 2019 година и со тоа свесно ги довел сите во состојба на итност со намера да се спроведе итна постапка донесувајќи одлука за спроведување итна постапка со преговарање, без објавување оглас за поправка и сервисирање на ПМВ и ТМВ, а во која постапка биле испратени покани само на одредени економски оператори.


Второпријавената А. С. во својство на началник на Секторот за набавки, менаџмент и логистика при Министерството за внатрешни работи на РСМ, чија должност била да ги спроведува одлуките донесени од помошник-министерот, иако била должна да задолжи лице што ќе објави оглас за јавна набавка од отворена постапка, таа не го сторила тоа и на тој начин не овозможила на други заинтересирани економски оператори да учествуваат во оваа постапка врз основа на што првопријавениот Ж. Т. склучил рамковна спогодба по итна постапка со преговарање, без објавување оглас, и на овој начин првопријавениот заедно со второпријавената овозможиле противправна имотна корист за носителите на набавката „Коп компани“ ДООЕЛ Скопје, „Пржо автокомплекс“ ДООЕЛ Битола, „Аутомакедонија“ АД Скопје, ДТУ „Автосервис Раде“ ДООЕЛ увоз-извоз, с. Теарце, Тетово и „МИ-ДА гранд моторс“ ДОО Скопје, по 9.440.000,00 денари одделно за секој правен субјект, односно вкупен износ од 47.200.000,00 денари со ДДВ.