Германскиот парламент денеска и покрај силното противење на канцеларот Олаф Шолц, го усвои предлогот на опозициските демохристијани за миграција и азил.
Предлогот беше усвоен со помош на гласовите на десничарската Алтернатива за Германија, при што 348 пратеници гласаа за, 345 против и 10 воздржани.
Овој предлог не е правно обврзувачки за владата, но ќе го зголеми притисокот да се преземе акција за миграцијата, пишува лондонски Гардијан, наведувајќи дека ова гласање ќе му покаже на опозицискиот лидер на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц, дека постои парламентарно мнозинство кое би можело да ја принуди Владата да прифати соодветни решенија во оваа област.
Предлогот содржи пет точки и ја повикува владата повторно да воведе постојани гранични контроли, да ги блокира „сите обиди за илегален влез во земјата со де факто забрана“ за сите оние кои се обидуваат да влезат во Германија без валидни документи, дури и ако бараат заштита или азил.
Оваа одлука дава приоритет на апсења и депортации на луѓе кои законски се обврзани да ја напуштат земјата, доделува повеќе ресурси за спроведување на регулативите за миграција на државно ниво и ги заострува ограничувањата за престојот на оние кои чекаат да ја напуштат Германија.
Предвремените парламентарни избори во Германија се одржуваат на 23 февруари, откако во декември канцеларот Шолц загуби доверба.