ВМРО-ДПМНЕ: Предизвиците во РЕК Битола се резултат на менаџирање на СДСМ со ЕСМ

Макфакс

24/01/2025

13:51

255

Големина на фонт

а а а

СДСМ ја труе јавноста со неточни информации во обид да предизвика паника за наводни хаварии во РЕК Битола. Багерот КАУ 300 е оперативен и во функција, а во тек е краткотрајна замена на дел од транспортната лента на Главниот транспортен систем за јаглен. Исто така, производството на јаглен од рудниците ПЈС Суводол и од Брод-Гнеотино тече нормално и во континуитет, и покрај сите проблеми што новото раководство ги наследи, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакцијата кон СДСМ.

„Кадровските промени во одредени работни единици се во функција на целосно искористување и оптимизација на човечкиот потенцијал, со цел дополнително зајакнување на перформансите на комбинатот и се сосема нормална работа во секоја компанија која цели кон консолидација и подобри резултати.

СДСМ е најмалку повикана да коментира за состојби во РЕК Битола што ги предизвикаа нивните кадри поради несовесно работење во сите сегменти од најголемиот државен производен капацитет. Уште на стартот на грејната сезона во повеќе јавни настапи, новото раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола информираа дека нашиот најголем производител на електрична енергија е затекнат во катастрофална состојба, и во рудниците и во термоелектраните. Но СДСМ не остави пустош само во РЕК Битола, туку во цело АД ЕСМ. Компанијата ја оставија уништена – и во финансиска и во техничко технолошка смисла, а во тек се процеси на консолидација кои ќе се одвиваат во подолг временски период.

Патем, кога СДСМ се дрзнува да коментира за состојбите со рудниците и рударската механизација во РЕК Битола, ќе ја потсетиме јавноста дека за време на нивното менаџирање со комбинатот – токму Главниот транспортен систем за јаглен, беше нефункционален по целата должина. Очигледно, ним им одговарале таквите состојби со цел да го направат АД ЕСМ зависно од увозен јаглен потребен за производство на електрична енергија“, се додава во реакцијата.

„Заради систематско запушување на одводните канали од нивна страна, механизацијата во рудниците беше удавена и нефункционална со недели – после секој дожд или стопен снег.

Јавноста допрва ќе гледа кој, на каков начин и со која цел го уништувал имотот на една од стратешки најважните компании во Македонија. Случајот „Адитив“ е само капка во морето во однос на она што очекуваме да го презентираат надлежните органи и институции по завршените истраги. Сите виновници за затекнатите очајни состојби во АД ЕСМ и во производните капацитети, со акцент на РЕК Битола и на РЕК Осломеј – очекуваме многу брзо да бидат обелоденети со име и презиме и да сносат целосна одговорност.

Тоа што се уништи од претходните раководства во последните пет години – невозможно е да се надмине за неколку месеци. Вработените и раководството на комбинатот секојдневно се борат со проблемите што ги оставија СДСМ и нивните коалициони партнери“, потенцираат во реакцијата.

Во овој контекст, апелираме опозициските политичките партии да не го користат со лажни конструкции – РЕК Битола и генерално АД ЕСМ, за дневнополитички манипулации!-додадоа во реакцијата.

Дали РЕК „Битола“ е пред целосен колапс? – прашаа претходно од СДСМ денес тврдејќи дека главниот багер за ископ на јаглен во рудникот Суводол, КУ 300, е надвор од функција заради дефект на моторот, а главниот транспортен систем не работи заради хаварија во која се исцепило парче лента во должина од 4 километри. Нема маст за машините, нема масло за камионите и булдожерите, нема резервни делови…

„Ископот на јаглен во РЕК ‘Битола’ е на историски минимум! За одржување на минималното производство, потрошувачката на мазут е триплирана, за што се трошат баснословни суми пари. Наместо решенија за хаосот што сами го создадоа, раководствата на комбинатот и на АД ЕСМ, прават козметички промени во менаџерскиот тим. Разрешен е директорот на Рудници на РЕК ‘Битола’, Златко Шиниковски после само пет месеци откако беше назначен на функцијата. Променети се и неколку раководители на сектори во Рудници, што само потврдува дека неспособни кадри го водат комбинатот од кој зависи цела држава.

Овој некадарен тим кој го раководи РЕК ‘Битола’ во меѓувреме си донел одлука за плаќање на прекувремената работа и за нив, а не како што беше досега само за работниците. Така, сега платите на директорите, раководителите и советниците ќе достигнуваат над 2.000 евра, додека РЕК е во хаос. Срамно е ова што му се случува на РЕК ‘Битола’ за да се задоволат интересите на ВМРО–ДПМНЕ“, реагираа од СДСМ.