[ВИДЕО] Данец во европскиот парламент: Господине Трамп, оде*ете

Макфакс

24/01/2025

08:57

2.327

Големина на фонт

а а а

Данскиот европратеник Андерс Вистисен жестоко го нападна американскиот претседател Доналд Трамп поради неговите најави дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд. Вистисен, член на десничарската Данска народна партија, се осврна на напорите на Трамп за време на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.

„Почитуван претседателе Трамп, слушајте многу внимателно: Гренланд е дел од Кралството Данска веќе 800 години. Тој е интегриран дел од нашата земја. Не е на продажба. Ова ќе го кажам со зборови што можете да ги разберете. Господине Трамп , оде*ете“, рече Вистисен.

За оваа изјава тој доби официјална опомена од потпретседателот на Европскиот парламент, Николае Стефанут.

„Терминот што го употребивте не е дозволен во овој дом и ќе има последици. Не е во ред во овој дом на демократијата. Без разлика што мислиме за г-дин Трамп, не е возможно да се користи таков јазик“, објасни Стефанут.

Трамп кон средината на декември објави дека планира да го преземе Гренланд, идеја што накратко ја спомена и за време на неговиот прв мандат. Неговите претходни напори беа спречени кога Данска истакна дека нејзината прекуморска територија не е на продажба.

Сепак, проектите на Трамп за најголемиот остров во светот не успоруваат. За време на прес-конференција во јануари, тој одби да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на Гренланд. Покрај својата исклучителна стратешка локација, Гренланд, кој бара независност од Данска, има огромни неискористени резерви на минерали и нафта.